150 години Делчев: Гоце Делчев и македонската државност
- Пишува Марио Јаневски – Претседател на Црвена Младина.
На 2 август 1944, најстариот член на заседанието и сведок на првиот Илинден – Панко Брашнаров – го отворил Првото заседание на АСНОМ говорејќи: „...земјата на нашите покојници – многубројни народни герои, паднали и посејали коските си по цела Македонија, им станује полека и они во мир веќе го гледат изгревот на нашата слобода, гледат идеалната дружба на старите Илинденци – на Гоце Делчев и денешните Илинденци – младата македонска војска, и поставените темели за остварението на идеалот на две поколенија, на две епохи – слободна, обединета Македонија…“ Само 4 години претходно, кога започнувала Народноослободителна војна, голем дел од македонските партизани носеле значки и слики со ликот на Гоце Делчев, притоа испевајќи и мноштво на песни поврзани со неговото име (пр. „Во борба македонски народе“).
Неспорно, творците на првата современа македонска држава го следеле Гоце Делчев како личноста која претставува најголем симбол за македонската револуционерна борба и македонската идеја за државност. Но што е тоа што него го прави посебен за државноста на Македонија?
За да разбере големината на Гоце Делчев, мора да биде перцепиран низ призмата на Македонската револуционерна организација. МРО е организацијата која за прв пат во модерната историјата преку автохтони (не надворешни) стремежи ќе направи една комплетна политичко-државна платформа и цели кои преку Илинденското востание ќе ја привлечат меѓународната јавност. Само во рок од десет години (1893-1903) оваа организација успеала да направи, според зборовите на Д. Груев, „една подземна република“, која имала свое судство, полиција, пошта, а со создавањето на четничкиот институт и своја армија.
Дури во одредена мера се обидувала да создаде и алтернативен начин на воспитување и образование на населението. Организацијата била оформена како револт за неисполнување на 23 член од Берлинскиот конгрес (1878 г.) кој предвидувал автономија на Европска Турција. Но, поради апстрактноста на терминот, како што вели Татарчев, целта на организацијата била попластично формулирана во „автономија на Македонија во нејзините географски и етнографски граници“.
Иако денес бугарската историографија сака да докаже дека автономијата на Македонија се разбирала како етапа за присоединување кон Бугарија, во весникот „Право“ (1902), како неофицијален орган на Организацијата, е истакнато:
„Внатрешната револуционерна организација ќе му даде на секој да разбере дека работи за единството и независноста на Македонија, како слободна држава на Балканскиот Полуостров. Таа организација, давала и во иднина ќе дава докази дека не е агент на никоја од балканските држави, туку агент само на македонската слобода и независност. Со таквите докази таа постепно ќе ги отстранува племенските разлики во Македонија и ќе го организира идниот, ако и разнобоен, но способен да се самоуправува мирно и тивко, македонски народ“.
Според зборовите на Дино Ќосев, Делчев бил „апостолот, срцето и душата“ токму на таа Организација. Тој бил вклучен и бил предводник на сите круцијални процеси на Организацијата. Имено, тој заедно со Ѓорче Петров го напишале Уставот и Правилникот (1896 г.), како највисоки „правни“ и организациски акти на Организацијата. Во улога на задграничен претставник (во Бугарија) ги водел преговорите со Врховниот македонски комитет (тој служел како „инструмент“ на бугарската влада за компромитирање на македонската револуција преку македонската емиграција во Бугарија), та во одреден период успеал да наметне и контрола врз истиот преку поставување на Б. Сарафов како негов претседател, а Сарафов бил близок соработник на Гоце.
Спротивно на целта и намерата на бугарската влада, ВМК да биде предводник на револуцијата во Македонија, Г. Делчев преку своите политички способности успеал да ја преврти целата работа со ВМК во корист на Организацијата. Од 1897 г. се зафатил со конструирање на најважниот елемент на Организацијата – четничкиот институт, т.е. нејзината армија, која е најважната алка и средство за постигнување на автономијата преку предвиденото востание.
Првите чети успеал да ги направи со стари арамии и ајдути за кои трошел особена енергија да ги превоспита и да ги пренасочи да работат за добробит на Македонија. Најголемиот дел од каналите и начините на добивање на оружје течеле преку Делчев, тој ги координирал сите пунктови од Бугарија кон Османлиската Империја (Македонија) каде преминувало оружјето.
Преговорите за оружје од Србија кои ги водел Б. Сарафов исто така биле елаборирани кај него. Парите од најголемата афера Мис Стоун биле ставени на негово располагање. Окрузите кои не работеле во најдобра кондиција, ги преземал или правел нивна обиколка по што работата сериозно се подобрувала. Конечно, бил челник на иницијативата за зачувување на чистотата на движењето и Организацијата, односно непотпаѓање под влијание на бугарската влада – „Бугарската влада, којашто има чисти завојувачки намери спрема Македонија, штом ќе почне да дава пари, ќе знае како да ја исползува таа „помош“… Повторувам, ударот ќе биде страшен!“
А впрочем и директно на бугарскиот генерал Николаев му ги искажал следниве зборови: „Ние, знаете кои сме ние: селаните, македонското население, народот. Ние нема да правиме политика, ниту да дозволиме други да прават политика со Македонија. Нашата борба, тоа е за нас живот или смрт. Ние нема да дозволиме други да решаваат дали да живееме или да умреме и кога.“
При еден разговор со Колишевски, стариот војвода и илинденец Крсте Гермов Шакир истакнал: „…Дојдов да ти кажам уште една работа: сите пишувате, и порано пишуваа, внатрешни, надворешни, врховисти, централисти и слично – е, па дојдов да ти кажам дека на Дворот (Дворецот во Софија) влегувавме сите: едни низ главната врата, други низ малата врата, некои низ капиџик, некои низ прозорец, некои преку таван, а некои богами и преку баџа! Туку да знаеш, сите влегуваа… освен еден човек… Таму не влезе само Гоце Делчев…“
Можеби она по што Делчев бил најпознат е неговата идеја за морална револуција кај ропскиот македонски народ – „Моралната револуција – револуција во умот, срцето и душата на еден ропски народ е најголемата задача“. Дури и кога некои се покажале како предавници на каузата, Делчев бил застапник дека треба да се превоспитаат, а не да се оди со строги мерки.
Таков бил случајот со револуционерот Ѓорѓи Јованчев кога извршил предавство на Организацијата, Гоце му ја испратил книгата Шпион сметајќи дека така ќе го освести. За Гоцевата величина можат да се напишат томови со книги, но сето тоа Пејо Јаворов го опишал во еден здив: „Македонскиот народ гледаше во неговото лице најблизок, најверен, најљубен, свој учител, пријател и син. Од близу и далеку маса луѓе одеа кај него и бараа надеж, бараа вистина, бараа сѐ…“
Ако Гоце Делчев четириесет години по својата смрт останал да служи како идеал за непокор и симбол за македонската револуција преку чие име и се конструирала првата современа македонска држава и ако целиот свој живот го подарил на Македонската револуционерна организација која се борела за ослободување на Македонија и создавање на македонска автономија, која евентуално требало да прерасне во независна држава, дали е возможно да постои било каков сомнеж за нераскинливата папочна врска помеѓу Република Македонија и Гоце Делчев? Едноставно: без Гоце, исчезнува и духот на македонската државност!
Овој текст е дел од настанот „Македонската кауза – 150 години од раѓањето на македонскиот револуциoнер Гоце Делчев” организиран од левичарскиот институт „Рацин”.