Идејата на ова електронско гласило е преку изразните средства достапни на интернет просторот да направи верно отсликување на стварноста, нејзина дескрипција, рефлексија, како и прикладно толкување на настаните што го формираат нејзиниот контекст. Претпоставката од која тргнува нејзиното формирање е дека на радарите на социо-политичката рефлексија во нашето општество постојано остануваат незабележани оние појави кои стварно го обликуваат животот на обичните луѓе во него. Следствено тие материјални сили остануваат непрепознаени, неопишани, како и непротолкувани. Ова придонесува на тоа да обичниот човек остане на слепото влијание на овие сили, кои го обликуваат неговиот живот, а од кои повеќето го ограничуваат неговото поле на економска, политичка и креативна слобода. Оттука целта на овој портал ќе биде да ја осветли ваквата поставеност на општеството, со цел врз неа да може да се изгради свест која ќе претставува основа за негова промена.
Прагот кој го поставува ова гласило е дека секоја дескрипција, став и рефлексија нема да го запостави човекот како поединец. Тоа значи дека Антропол се стреми да не генерира теорија која ја осиромашува човековата природа, која е историски посредувана.
Централната тема, а воедно и differentia specifica на овој сајт ќе бидат политичките, социолошките, филозофските, психолошките и сите други размислувања кои тргнуваат од позицијата на поединецот и оттаму ја градат критиката кон сите други односи во кои поединецот влегува.