150 години Делчев: Културен натпревар, а не културна доминација – герила на Црвена Младина

На повеќе локации низ Скопје и Македонија оваа седмица дена активистите на Црвена Младина спроведуваат герила акции во чест на обележување на 150 годишнината од раѓањето на Гоце Делчев.


Оваа недела од младинската организација ќе биде спроведена герила кампања со многубројни активности насловена „Културен натпревар, а не културна доминација”.

„Гоце Делчев со своите дела и пораки нѐ научил многу. Низ својата животна приказна ни ја пренел и неговата замисла за светот и Македонија. Дали ние денес доволно го славиме и почитуваме ликот и делото на Гоце Делчев? Дали вака ја замислувал Македонија?“ – Стои во описот на акцијата.

Прва локација беше ООУ „Гоце Делчев” – Скопје, со симболика за она по што Делчев веројатно бил најпознат а тоа е неговата идеја за морална револуција кај ропскиот македонски народ – „Моралната револуција – револуција во умот, срцето и душата на еден ропски народ е најголемата задача“

Втората локација каде се спроведе „герилка“ беше Македонската Академија на Науките и Уметностите. „Сакајќи да го потенцираме нивниот молк и да испратиме апел дека во овие историски околности каде што сме негирани од сите страни, и кога е негиран најважниот лик од македонската историја Гоце Делчев, не смееме да бидеме неми и да молчиме на овие случувања, а особено не смее да молчи македонската интелигенција.“

Трета локација на која активистите испратија порака беше Министерството за Култура.

„Сакаме културен натпревар, а не наместени тендери! Младите уметници, творци, креативци во Македонија заслужуваат фер натпревар. Нашето министерство не само што не нѐ спрема за културен натпревар во светот, туку и го узурпира внатрешниот натпревар.“

Четвртата герилка беше спроведена пред зградата на УКИМ, кој и оваа година бележи пад во рангирањето на листата на најдобри светски универзитети спуштајки се на 1.944 место на листата на 2.000 најдобри универзитети во светот за академската 2021/2022 година.


Овој герила акција на Црвена Младина е дел од настанот „Македонската кауза – 150 години од раѓањето на македонскиот револуциoнер Гоце Делчев” организиран од левичарскиот институт „Рацин”.