150 години Делчев: Неколку зборови за болната и заборавена внука на Гоце Делчев

  • Пишува Ивана Стоименовска – член на Централен Комитет на Левица и Советник во Општина Карпош.

Катерина Нуруџиева, внуката на Гоце Делчев, е почесен граѓанин на градот Делчево што го носи името на познатиот македонски револуционер Делчев. Таа секогаш со симпатии зборува за градот за кој вели е најмалечкиот, но го носи името на наголемиот човек на Македонија.

Таа е родена 1922 година во Горна Џумаја, денес Благоевград. Нејзините родители биле приморани во 1915 година да се иселат од Егејска во Пиринска Македонија. Дедото на Катерина, е брат на Султана, мајката на Гоце Делчев.

Старицата помина тешка животна голгота исценирана од политички прогонувања и случувања после војната, учесник е во НОБ, била секретарка на Ченто и прва учителка во Штип.

Во 1944 година, Катерина Нурџиева со Дванаесеттата македонска бригада „Гоце Делчев“ учествувала во борбите за ослободување на Македонија. По ослободувањето на Штип, Катерина работела повторно како учител, а подоцна била префрлена во Генералниот Штаб во Скопје. По некое време Катерина станала секретар на Методија Андонов- Ченто, по лична препорака на Павел Шатев. По смртта на Методија Андонов- Ченто започнала и агонијата на Катерина и била приморана да се пресели во Горна Џумаја.

За деновите кога била учителка во Македонија таа ќе каже: – „Јас дојдов кај вас, не чекав вие да ме повикате за да бидам и учителка и просветителка, па да бидам и во затвор на Бугарите. Од 16 годишна возраст тргнав по неговиот пат и го следев секој негов чекор. Но вие не разбравте дека јас сум жива и ја сакам Македонија. Не за друго туку да знаат Македонците дека Гоце и неговата фамилија се посветени само на Македонија“

„ГОЦЕ ЌЕ СЕ ПРЕВРТИ ВО ГРОБОТ АКО ДОЗНАЕ, ЗАТОА ЧУВАЈТЕ ГО ЧИСТО ИМЕТО, НЕМОЈ НЕКОЈ ДА ГО ПРИСВОЈУВА‘‘

„Чувајте ги овие зборови на Гоце и за Македонија и за цел свет, кој знае да чита…‘‘

,,Вистинските зборови на еден прекрасен човек посветен на целиот свој народ.“

„Животот го даде знаејки дека умира за Македонија.  Во неговата уста секогаш беше зборот Македонија. За неа беше подготвен да умре и така направи.  Тој велеше да се чува Македонија бидејки од нејзиниот народ подобар и почесен нема.‘‘

„Браќа и сестри вечна да биде Македонија‘‘- рече баба Катерина во нејзиното интервју од 2018 година.

Катерина низ солзи со болка и голема страст за Македонија вели: „Таму ме примија како девојчето од Македонија кое што кога оди оган му излегува под нозете, но они не знаат дека во мојата душа оган гори за Македонија.“

Катерина последните години од животот ги помина во Благоевград со пензија од 170 лева, болна и заборавена, почина во октомври 2018 година.


Овој текст е дел од настанот „Македонската кауза – 150 години од раѓањето на македонскиот револуциoнер Гоце Делчев”организиран од левичарскиот институт „Рацин”.