Путин најави бесплатно жито за шест африкански земји

Рускиот претседател Владимир Путин денеска го отвори самитот Русија-Африка во Санкт Петербург со ветување дека ќе достави бесплатни житарки „во следните месеци“ во шест африкански земји.

„Во следните месеци ќе можеме да обезбедиме бесплатна испорака на 25.000 до 50.000 тони жито“, рече Путин во говорот што го пренесе руската телевизија.

Како што наведе, житарките ќе бидат доставени во Буркина Фасо, Зимбабве, Мали, Сомалија, Централноафриканска Република и Еритреја. Африканските земји изразија загриженост по неодамнешното раскинување на договорот за извоз на украинско жито преку Црното Море.

Во Санкт Петербург денеска почна вториот дводневен самит Русија-Африка. Првиот се одржа во октомври 2019 година во Сочи, на Црното Море. Планирани се повеќе од 50 средби и тркалезни маси на бројни теми, од економска соработка до храна, преку енергија, безбедност, образование и здравство.

Потсетуваме, Русија ги раскина „Договорите од Истанбул“ поради тоа што житото не заврши во сиромашните земји, туку во земјите од Европската унија.