Левица: Владата ја игнорира Бернската конвенција и го загрозува Охридското езеро

  • Реакција на Политичката партија Левица

Владата скандалозно одбива да ги прими претставниците на Бернската конвенција, кои треба да дојдат во Охрид и да ја увидат алармантноста на ситуацијата со Охридското Eзеро. Министерот за животна средина Насер Нуредини од “зелената” ДУИ покажува загрижувачка и опасна негрижа и непочитување кон сопственото природно наследство и природно богатство.

Имено, надлежните на Бернската Конвенција (чиј потписник сме и ние) ја опомена Владата дека од пред една година е повторно отворен случајот против Република Македонија за состојбата со Охридското езеро и Националниот парк Галичица.

Бидејќи нема ниту извештај, ниту одговор, ниту покана од Владата, претставниците на Бернската Конвенција не можат да дојдат и директно на терен да оценат што се случува со најстарото европско езеро и со уникатната Галичица.

Негрижата за Охридскиот регион е истакната и во последниот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија, каде се забележува неспроведување на препораките на УНЕСКО и се бара поголема посветеност во решавањето на проблемите од централната и од локалната власт.

Односно, се бара од анти-европската коалиција СДС и ДУИ да понудат итно план и решение за спас на Охридското езеро, пред да настане поголема еколошка катастрофа во еден од најстарите природни резервати.