Левица: Поништено спојувањето на концесиите за „Рудниците на смртта“

  • Реакција на Левица – Зелен сектор

Одродената Влада во заминување на ДУИ и СДС ја поништи претходната сопствена, тајна ОДЛУКА за спојување на двете концесии и под огромен притисок на јавноста на нова Владина седница се повлече од идејата за отворање на рудници на смртта во Штука и Иловица.

Mинистерот за економија Крешник Бектеши шеретски одигра партија пинг понг со самопрогласениот премиер и неговите министри. Tој се обиде на мала врата, со лага и измама, користејќи го незнаењето и неукоста на министрите, преку иницирање Владина одлука да му продаде 30% од акциите на ЕУРОМАКС на новиот миленик на ДУИ, бизнисменот Лазим Дестани кој e сопственик на фирмата Еколог, и на тој начин да му помогне на бизнис крилото на ДУИ да влезе во бонбона бизнис.

Откако намерата не му успеа, Бектеши побара нови рокови за доставување нови дозволи, иако на фирмата ЕУРОМАКС рокот за употреба на првата концесија измина уште во 2016 година, а за втората концесија рокот истече во јануари 2020.

Го повикуваме министерот Бектеши да се приземји, да излезе од висококорумпираниот проект на смртта, да престане да му робува на крупниот капитал, да излезе од рингишилот на коруптивните игри и под итно да ги укине двете истечени концесии согласно барањата на огромен број жители од југоисточниот регион кои не сакаат рудник на смртта и согласно Законот за минерални суровини.

Владата мора да престане да ја заплашува јавноста со евентуална исплата на огромни оштети преку Арбитражен суд. Државата има силни правни аргументи на кои може да се повика, и при евентуална тужба да има позитивен исход.
Концесионерот досега покажа елементарна несериозност и има серија на неисполнети обврски од доделените концесии. Има многу испуштени рокови и доцнење со достава на документација која најчесто е некомплетна и површна.

Зелениот сектор на Левица заедно со правниот тим продолжува будно да ги следи сите случувања околу Штука и Иловица, и ја поддржува хуманата и легитимна борба на освестеното граѓанство против растечката наезда и пандемија на еко злосторници и уништувачи на животната средина.

РУДНИК НА СМРТТА ЌЕ НЕМА !!