АктуелноИнтернационално

30. април – Ден на обединувањето на Социјалистичка Република Виетнам

Пред 45 години, на 30 април 1975 година Виетнам ја порази американската империјалистичка агресија. Ослободувањето на Сајгон од страна на Народната армија на Виетнам, ја означи победата на комунистичките сили на Виетнам, Лаос и Камбоџа врз САД во Виетнамската војна. 

Од 1964 до 1973 година, најголемата и најмоќната држава во светот, САД, вложи максимален воен напор, вклучувајќи сè освен атомски бомби, во обид да го совлада националното револуционерно движење во оваа мала, рурална земја и доживеа пораз. САД употреби и хемиско оружје, познато како операцијата “Agent Orange”, со што плодно земјиште и шума со големина над три милиони хектари беше тешко девастирано, при што последиците се чувствуваат и ден денес. Но сепак, организираниот народ предводен од Комунистичката Партија ја совлада воената и технолошка надмоќ на агресорот. Повеќе од 5 милиони жртви, меѓу кои 4 милиони цивили настрадаа како последица на агресијата, а материјалните загуби се чувствуваат и денес.

Хауард Зин, американски историчар и социјалист, во 1968 ја напиша првата книга во која повикуваше на итно и безусловно повлекување на САД од Виетнам. Еве како тој ја коментира „националната безбедност“ која тогаш беше еден од изговорите на САД за агресијата врз Виетнам: 

“Што е националната безбедност? Администрацијата на САД ја дефинира националната безбедност како праќање на нашите млади мажи и жени насекаде низ светот да водат војни врз земја после земја – никоја од нив доволно силна да ни се спротивстави. Јас ја дефинирам националната безбедност како обезбедување на здравствена заштита, вработување и пристојно живеалиште и чиста околина за секој Американец. Ја дефинирам националната безбедност како грижа за луѓето кои ги губат работните места, како грижа за нашите старци и за нашите деца.”

Афро-американски војник за време на војната во Виетнам гледа споменик каде пишува:
„Афро-американски војници, вие ги вршите истите брутални злосторства во Јужен Виетнам како што Кју Клукс Клан ги извршува против вашето семејство дома“.