Ванковска: Држава што не може да ги заштити државните и јавните објекти и служби е „смешка од држава“

  • Фејсбук статус на Билјана Ванковска, доктор на политички науки, редовна професорка на Филозофскиот факултет во Скопје. Професор е и на Европскиот мировен универзитет во Шлајнинг, Австрија.

Во време на цунами на бизарни и апсурдни настани, непојмливи за нормални и уредени држави, понекогаш не ја гледаме шумата од дрвото. На пример, вчерашниот дефокус од една прес-конференција и говор на омраза за една жена (намерно велам жена, а не новинарка, бидејќи целиот гнев се истури на неа по таа основа), малкумина сфатија што се случува во Собранието, Владата, граничниот премин, електродистрибуцијата.

Ајде да појаснам: последниве години, ако не и децении, нашата академска фела брзо се престрои и почна да прифаќа странски изрази за нешта кои сме ги имале уште во време на Југославија и кои се измислување топла вода. Еден од тие популарни концепти е „заштита на критичката инфраструктура“. Направете брз преглед на експерти и изданија, да не зборувам за интервјуа, на таа тема. ХИТ!

Критичка инфраструктура споена со хибридни закани – ете ти неисцрпен извор на мудрување. Велат, бил потребен закон за заштита на таа инфраструктура, а во дискусиите за негово донесување се спомнува опција кадарот да биде обучуван од Комората за приватно обезбедување (?!). Да објаснам: државата ќе им дава пари на приватни агенции да обучуваат кадри за да ги чуваат државните објекти со посебно/витално значење!? Наместо да е обратно…

Но, додека тие мудруваат и објавуваат книги, се случува Слупчане (само како парадигма за трендов, не како посебно значајно место/село). Нападот врз екипите на ЕВН и оштетувањето на електричната инфраструктура според премиерот бил проблем на приватна компанија – што ме потсети на еден министер кој е сега амбасадор кога зборуваше за „роденденска забава“ и „надувани балони“ (додека не ни пукнаа в лице во 2001).

Лично сметам дека помодарскиот назив критична ифраструктура е прифатен од западната терминологија (нели, ние сме НАТО, итн.). СФРЈ беше вистинска држава со децении и имаше систем за заштита на енергетска, патна, водоводна и друга инфраструктура, на државни институции, јавни служби и сл. Тогаш не беше замисливо туку така да помине гасење струја на граничен премин, пожар во јавни институции, пошти, и грабежи на поштенски возила со пензии. Ако некому му тејнеше таква работа, ќе завршеше таму каде што завршуваат и тие што денес прават такви работи во уредените држави.

Слупчане е пример и предизвик за сите експерти за заштита на критичка инфраструктура, ама никој не ги ни прашува. На одмор се. И новинари и експерти. За тоа време имате напад врз она што ја претставува државата како апарат на јавна власт која обезбедува услуги: електрична инфраструктура и државна граница! Реакција: преземаме мерки и активности! Им се случува нешто што не само што морале да го предвидат и превенираат, туку и што им гореше (буквално) пред само неколку недели. Инаку, Аудито на комшијата предизвика повеќе реакции и осуди отколку слупчанското востание.

Ние сме смешка од НАТО држава – бидејќи не сме држава. Веберијанската држава ја карактеризира поредок и закон, контрола врз територијата и МОНОПОЛ на заштита на државните и јавните објекти и служби. Тој ентитет кој е неспособен ова да го гарантира, не е држава. Толку. Не помагаат тука теориски дефиниции и нови закони – и според сегашниот Устав (извинете што го споменувам, ама морАлно е) и закон ова не смее да се случува. Вчера Арачиново, денес Слупчане, утре … погодете каде…