Бугарската делегација не се појави на одбележувањето 80 г. од Холокаустот на Евреите во Битола

На 11 март 1943 година од Битола до озлогласениот логор Треблинка беа депортирани 3.351 битолски Евреи. Вчера се одржа комеморација, полагање на цвеќе пред споменикот на Евреите и на народниот херој Естреја Овадија –Мара, како и Маршот на живите во кој на железничката пруга во Битола, од каде беа однесени битолските Евреи, присутните положија цвеќе и камчиња со имињата на некогашните еврејски семејства.

Претставници од Бугарската амбасада во Македонија и Генералниот конзулат на Бугарија во Битола вчера не се појавија да положат цвеќе пред камената менора во центарот на Битола за време на одбележувањето на 80-годишнината од Холокаустот на битолските Евреи.

„Покани се упатени до сите амбасади и конзулати, до целиот дипломатски кор. Ние имаме одбележување на комеморацијата три дена. Денес е во Битола, утре во Штип и на 12 март во Скопје, кој каде ќе дојде секој сам одлучува“, рече Леви.

За разлика од бугарската делегација, меѓу дипломатите кои положија цвеќе беа амбасадори и конзули на повеќе европски држави, Германија, Франција, Црна Гора, Босна и Херцеговина и други. Пепо Леви, претседател на Еврејската заедница во Битола изјави дека испратиле покани до сите амбасади и конзулати во земјава.

Прашан како ги коментира говорите во Бугарија дека за време на Втората светска војна биле администратори, а не окупатори во Македонија, рече дека се знае која била фашистичката оска и се знае кој ги собра невините еврејски жртви во сивите мугри на мартовското утро. Нагласи дека Македонија не смее да трпи притисоци за својата историја.