Победа на социјалистот Арсе на претседателските избори во Боливија

Според неофицијалните податоци кои ги пренесоа и светските медиуми, победник на претседателските избори во Боливија е Луис Арсе, кандидат на „Движење кон социјализам“, партијата на поранешниот претседател Ево Моралес. Арсе освоил 52,4 проценти од гласовите што е за 20% повеќе од кандидатот на центристичката партија Карлос Месе кој освоил 31,5%. 

Во 2006  претседателот Ево Моралес го назначи Луис Арсе за Министер за економија и јавни финансии. Арсе ја надгледуваше национализацијата на јаглеводородот, телекомуникациите и рударските компании во Боливија. Воедно, тој е и иницијатор на Банката на југот – монетарен фонд создаден во 2009 од страна на Боливија, Аргентина, Венецуела, Парагвај, Уругвај и Еквадор, чија цел е да обезбедува пари за социјални програми и инфраструктура. 

Под раководството на Арсе, боливиската економија брзо се рашири, при што БДП се зголеми за 344% а екстремната сиромаштија се намали од 38% на 15%.

Поранешниот боливиски претседател Ево Моралес, кој е во егзил, веќе ја објави намерата да се врати во Боливија. Говорејќи на прес-конференција во Буенос Аирес, Аргентина, во понеделникот, Моралес рече дека ќе биде среќен да се врати во својата матична земја.

„Порано или подоцна ќе се вратам во Боливија, тоа е сигурно“, рече Моралес.

Во Боливија 11 месеци беше на власт десничарска влада, после извршениот пуч врз Моралес кој беше поддржан од САД, а во кој учествуваа парафашистички формации. За време на пучот, приврзаниците на Моралес беа малтретирани, тепани и апсени од страна на војската.

Левичарската градоначалничка – Patricia Arce тогаш беше заробена, претепана, офарбана, острижена и линчувана низ улиците од страна на десничарски насилници кои сакаа да ги заплашат поддржувачите на социјалистичкиот претседател Ево Моралес. На овие избори Patricia беше избрана за Сенатор.