Државен удар во Боливија предводен од фашистички паравоен лидер и милионер – со надворешна поддршка

Лидерот на боливискиот пуч Луис Фернандо Камачо е екстремно десничарски мултимилионер, кој потекнува од фашистичките движења во регионот Санта Круз, каде САД континуирано го поттикнуваат сепаратизмот. Камачо исто така ужива поддршка и од Колумбија, Бразил и опозицијата во Венецуела.


Кога Луис Фернандо Камачо упадна во напуштената претседателска палата во Боливија, по ненадејната оставка на претседателот Ево Моралес на 10 ноември, тој ја откри пред светот другата страна на Боливија која беше спротивна на плуринационалниот дух што го постави социјалистичкиот и домороден лидер Моралес. Со Библијата од една страна и со националното знаме од другата страна, Камачо ја поклони главата со молитва над претседателскиот печат, каде даде заклетва дека ќе го исчисти домородното наследство од владата и дека „ќе го врати Бог во претседателската палата“.

Практично непознат надвор од својата земја, каде што никогаш не победил на демократски избори, Камачо е моќен мултимилионер споменуван во Панама Документите (за прикривање данок) и ултра-конзервативен христијански фундаменталист кој потекнува од фашистички паравоени групи озлогласени за расистичко насилство, кои се лоцирани со база во богатиот сепаратистички регион во Боливија, Санта Круз.

Камачо потекнува од семејство на корпоративни елити кои долго време профитираа од богатите резерви на природен гас во Боливија. Неговото семејство изгуби дел од своето богатство кога Моралес ги национализира ресурсите на земјата, со цел да ги финансира владините огромни социјални програми – со што ја намали сиромаштијата за 42 проценти и екстремната сиромаштија за 60 проценти. 

Додека Камачо и неговите екстремно десничарски сили послужија за да се реализира државниот удар, нивните политички сојузници мирно чекаа за да ги добијат придобивките.

Претседателскиот кандидат на опозицијата Карлос Меса кој настапи на изборите во октомври, е дел од бизнис лобито кое се залага за приватизација и истиот има силни врски со Вашингтон. Документите кои беа објавени од Викиликс откриваат дека тој редовно бил во допис со американските власти во нивните обиди за дестабилизација  на Моралес. Меса во моментов е наведен како експерт во тинк-тенк организација коај е финансирана од УСАИД, разни нафтени гиганти и меѓународни корпорации присутни во Латинска Америка.

Ево Моралес, поранешен земјоделец кој се истакна во социјалните движења пред да стане лидер на моќната политичка партија „Движење кон социјализмот“ (МАС), беше првиот домороден лидер во Боливија. Екстремно популарен во домородните и селанските заедници во земјата, тој победи на неколку  избори во изминатите 13 години, уживајќи најмногу поддршка кај работниците, селаните и домородното население.

Настаните кои претходеа на оставката на Моралес беа насилни. Десничарските опозициски банди нападнаа неколку избрани политичари од владејачката левичарска партија МАС. Тие потоа го ограбија и домот на претседателот Моралес, а истовремено ги запалија куќите на неколку други високи функционери. Членовите на семејството на дел од политичарите бе киднапирани и држени како заложници сè додека не дадат оставка. Градоначалничка од редовите на социјалистичката партија беше јавно измачувана од толпата со тепање, потурање со боја и шишање на косата. Ваквите настани Доналд Трамп и Белата куќа го поздравија насилното преземање на власта од ултра-десничарски банди, оценувајќи го како „значаен момент за демократија“ и „силен сигнал за нелегитимните режими во Венецуела и Никарагва“.

Кадар на франковистичка паравоена фашистичка организација

Луис Фернандо Камачо потекнува од Unión Juvenil Cruceñista, или Младински сојуз на Санта Круз (UJC), фашистичка паравоена организација која е поврзана со заговори за атентат против Моралес. Групата е позната по напади врз левичари, домородни селани и новинари, како и дека поддржува длабоко расистичка, хомофобична идеологија. Дури и американската амбасада во Боливија ги има опишано членовите на UJC како „расистички“ и „милитанти“, истакнувајќи дека тие „честопати напаѓале про-социјалистички / владини лица и организации“.

Американската амбасада во Боливија за UJC

Камачо беше избран за заменик-претседател на UJC во 2002 година, кога имаше само 23 години. Тој ја напушти организацијата две години подоцна за да ја гради бизнис-империјата на своето семејство и за да се истакне во редовите на Комитетот на Санта Круз. Во таа организација беше преземен под закрила на една од најмоќните личности на сепаратистичкото движење, боливиско-хрватски олигарх по име Бранко Маринковиќ. Во август, Камачо постави фотографија со својот „голем пријател“, Маринковиќ, чие пријателство беше клучно за пучот што следуваше три месеци подоцна.

Хрватскиот пријател на Камачо и сепаратистички олигарх

Бранко Маринковиќ е голем земјопоседник кој ја засили својата поддршка за десничарската опозиција откако дел од неговата земја беше национализирана од владата на Ево Моралес. Како претседател на Комитетот на Санта Круз, тој активно се залагаше за сепаратизам во Боливија. Преку писмо од 2008 година до Маринковиќ, Меѓународната федерација за човекови права го осуди Комитетот како „промотор на расизмот и насилството во Боливија“.Организацијата за човекови права додаде дека „ги осудува сецесионистичките, унионистичките и расистичките ставови, како и повиците за воена непослушност од страна на Комитетот”.

Во 2013 година, новинарот Мет Кенард објави дека американската влада соработувала со Комитетот на Санта Круз со цел да ја охрабри балканизацијата на Боливија и да ја поткопа власта на Моралес.

Во текст објавен во 2008 година, Њујорк Тајмс го опишува екстремизмот на сепаратистичкото движење во Санта Круз кое го предводи Маринковиќ. Текстот ја опишува областа како „бастион на отворено ксенофобични групи како што е Боливиската Социјалистичка Фаланга, чиј поздрав со рака е инспириран од фашистичката фаланга на поранешниот шпански диктатор Франко“. Боливиската Социјалистичка Фаланга претставува фашистичка група која обезбедува засолниште на нацистичкиот воен злосторник Клаус Барби за време на Студената војна. Како поранешен експерт за тортура во Гестапо, Барби беше регрутиран од ЦИА преку нивната програма „Операција Кондор”, со цел да помогне во истребување на комунизмот низ целиот континент. И покрај своето име, како германските национал-социјалисти, оваа насилна, екстремистичка десничарска група убивала социјалисти како дел од „Операцијата Кондор” за организирање пучеви против социјалистички влади и инсталирање режими под диктат на САД.

Боливискaтa Фаланга доаѓа на власт во 1971 година кога нејзиниот лидер Хуго Банзер Суарез ја соборува левичарската влада предводена од генералот Хуан Хозе Торес Гонзалес. Владата на Гонзалес тогаш влезе во конфликт со бизнис-моќниците заради национализирање на индустриите и истовремено го антагонизираше Вашингтон со тоа што го избрка Мировниот Корпус од територијата на Боливија, сметајќи го за инструмент на ЦИА. Администрацијата на Никсон веднаш го поздрави лидерот на екстремистичката Фаланга – Суарес, нагласувајќи ја неговата улога против ширењето на социјализмот во регионот. (Викиликс објави кореспонденција каде тогашниот државен секретар Хенри Кисинџер му се заблагодарува на Суарез за добиената честитка за Нобеловата награда за мир.) Наследството на ваквото екстремистичко движење опстојуваше за време на ерата на Моралес преку организации како UJC и фигури како Маринковиќ и Камачо.

Семејството на олигархот Маринковиќ потекнува од Хрватска, каде тој има двојно државјанство. За фамилијата Маринковиќ постојат шпекулации дека биле дел од фашистичкото движење Усташи. Усташите соработувале отворено со нацистичките германски окупатори за време на Втората светска војна. Нивните наследници се вратија на власт откако Хрватска прогласи независност од Југославија која беше намерно балканизирана од НАТО во процес кој Маринковиќ се обиде да го воспостави и во Боливија.

Денес, Маринковиќ е силен поддржувач на екстремно десничарскиот претседател на Бразил, Болсонаро, кој има изјавено дека единствената грешка на чилеанскиот диктатор Августо Пиноче било тоа што тој „не убивал доволно“. Маринковиќ е исто така јавен поддржувач и на екстремно десничарската опозиција на Венецуела. „Todos somos Leopoldo“ – „сите сме Леополдо“, тој твитна во поддршка на Леополдо Лопез, кој е вклучен во бројни обиди за пуч против избраната левичарска влада на Венецуела.


Извор: The Gray Zone