48 години од смртта на африканскиот државник и мислител Кваме Нкрума

Капитализмот е само џентлменски метод на ропство”.


Кваме Нкрума е првиот премиер и претседател на Гана и еден од најзначајните африкански државници во борбата против колонијализмот. Преку неговата Народна партија, која се потпирала на прогресивен национализам, анти-колонијализам и марксизам-ленинизам, Гана во 1957 година ја прогласи својата независност од британскиот колонијализам. Како ново знаме ги избрал боите на знамето на Етиопија во обратен редослед како симбол на африканското богатство, самобитност и стремеж за слобода. Во текот на своето владеење спровел низа радикални економски, културни и социјални политики, како финансирање на државни индустриски и енергетски проекти, развивање силен државен образовен систем и промовирање на пан-африканската култура и единство. На глобално ниво, го поддржувал комунистичкото движење и врските со земјите од социјалистичкиот Источен блок, при што во 1963 година ја добил Лениновата награда за мир.

Во 1966 година е извршен пуч врз Нкрума од страна на војската, за кој постојат сомнежи дека бил поддржан од САД и Британија, поради интересите на овие земји во нивните поранешни колонии. Под директива на Меѓународниот Монетарен Фонд и Светската Банка, новата влада врши агресивна приватизација и реструктуирање на економијата во Гана. Државните капацитети и претпријатија беа приватизирани или разурнати, при што новата влада им овозможува екстра поволни услови на мултинационалните корпорации кои добија пристап до националните ресурси што претходно беа национализирани. Ваквите чекори на новата влада, пребегнатиот Нкрума ги осуди како знаци на неоколонијализам.

Во продолжение е извадок од неговата книга „Неоколонијализмот – последниот стадиум на империјализмот” (1966).


За да се спречи надворешно мешање во работите на земјите во развој, неопходно е да се проучи, разбери, изложува и активно да се бори против неоколонијализмот затскриен позади каква било маска. Методите на нео-колонијалистите се суптилни и разновидни. Тие не оперираат само во економската област, туку и во политичката, верската, идеолошката и културната сфера.

Соочен со милитантните народи во поранешните колонијални територии во Азија, Африка, Карибите и Латинска Америка, империјализмот едноставно ја менува својата тактика. Без поголеми потешкотии, им „доделува“ независност на своите поранешни поданици, проследена со „помош“ за нивниот развој. Меѓутоа, позади ваквите фрази, империјализмот создава безброј начини за постигнување на целите кои претходно биле постигнувани со голиот колонијализам. Токму овој збир на модерни обиди за одржување на колонијализмот, додека во исто време се зборува за „слобода“ – постана познат како неоколонијализам. Меѓу неоколонијалистите предводат Соединетите Американски Држави, кои долго време ја практикуваа својата моќ во Латинска Америка. На почетокот беа свртени кон Европа, а потоа со уште поголема сигурност по Втората светска војна, кога ги задолжија повеќето земји од тој континент. Оттогаш, со методична темелност и деталност, Пентагон се фокусираше на консолидирање на својата надмоќ, при шти доказите за тоа може да се видат низ целиот свет.

Кој навистина владее на места како Велика Британија, Западна Германија, Јапонија, Шпанија, Португалија или Италија? Ако генералот Де Гол успеал да ја „избегне“ контролата на американскиот монопол, тогаш како да се интепретираат неговите „експерименти“ во Сахара, неговите паравојски во Габон или неговите патувања во Камбоџа и Латинска Америка?

Скриени позади ваквите прашања, широко се распространети пипците на октоподот од Вол Стрит. А неговите вшмукувачки пипци и силата на неговите мускули се обезбедени од феноменот наречен „Невидлива влада“, која произлегува од односот на Вол Стрит со Пентагон и разните разузнавачки служби. Цитирам:

“Невидливата влада … е лабава аморфна групација на поединци и агенции извлечени од многу делови на видливата влада. Таа не е ограничена само на Централната Разузнавачка Агенција, иако ЦИА е во нејзиното јадро. Ниту пак,  е ограничена на деветте други агенции што го сочинуваат она што е познато како разузнавачка заедница: Совет за национална безбедност, Агенција за одбрана, Агенција за национална безбедност, Воена разузнавачка служба, Морнаричко разузнавање и истражување, Комисија за атомска енергија и Федерално истражно биро.

Невидливата влада вклучува и многу други единици и агенции, како и поединци, кои навидум изгледаат како нормален дел од конвенционалната влада. Таа дури опфаќа и деловни фирми и институции кои навидум се приватни. Во мерa кoja штотуку започна да биде перцепирана, оваа влада во сенка ги обликува животите на 190 милиони Американци. Информиран граѓанин може да дојде до сомнежи дека надворешната политика на САД јавно се води во една насока, а тајно – преку невидливата влада – во спротивната насока.

Оваа невидлива влада е релативно нова институција. Таа се појави како резултат на два поврзани фактори: подемот на Соединетите Држави по Втората светска војна до позиција на доминантна светска сила и предизвикот на таа сила од страна на Советскиот комунизам… До 1964 година, разузнавачката мрежа прерасна во огромен таен апарат, кој тајно вработува околу 200.000 луѓе и троши милијарди долари годишно.” [Невидлива влада, Дејвид Вајс и Томас Б. Рос, 1964 година.]

Тука, од самата тврдина на неоколонијализмот, опишан е апаратот што сега ги усмерува сите други западни разузнавачки структури, без разлика дали со метод на убедување или со примена на сила. Резултатите беа постигнати во Алжир за време на заговорот против генералот  Де Гол, април 1961 година; како и во Гватемала, Ирак, Иран, Суез, Конго… Заради која цел се случија овие безброј инциденти? Веќе е спомената главната цел: постигнување на колонијализам, додека во јавноста се промовира независност.

На економски план, силен фактор што ги фаворизира западните монополи и дејствува против земјите во развој е контролата на меѓународниот капитал на светскиот пазар, како и цената на добрата кои таму се продаваат и купуваат. Од 1951 до 1961 година, ако не ја земеме во предвид нафтата, општото ниво на цените на примарните производи падна за 33,1%, додека цените на индустриските производи се зголемија за 3,5% (при што во оваа рамка, цените на машините и опремата се зголемија за 31.3 %). Во истата деценија, тоа им предизвика загуба на азиските, африканските и латиноамериканските држави од околу 41,4 милијарди американски долари. Во истиот период, додека обемот на извозот во овие земји се зголеми, нивната девизна заработка од извозот беше намалена

Уште една техника на неоколонијализмот е употребата на високи каматни стапки. Податоците на Светската банка за 1962 година покажуваат дека 71 држава од азиските, африканските и латиноамериканските земји имале надворешен долг од околу 27 милијарди американски долари, на чиј долг државите платиле камати и трошоци за услуги од околу 5 милијарди долари. Од тогаш, овие надворешни долгови се проценуваат на повеќе од 30 милијарди долари во овие региони. Во 1961 година, каматните стапки на речиси три четвртини од заемите што ги нудеа главните империјалистички сили беа над  5%, а во некои случаи и до 7 или 8%, додека роковите за ваквите заеми беа оптеретувачко кратки.

Додека во периодот од 1956 до 1962 година, во педесет и шест земји во развој капиталот од извоз изнесувал 30 милијарди долари, „се проценува дека само интересите и профитот извлечени од оваа сума од должничките земји изнесувале повеќе од 15 милијарди долари.” Овој начин на пенетрација преку економска помош неодамна падна во очи, кога некои земји почнаа да ја отфрлаат. Цејлон, Индонезија и Камбоџа се меѓу оние земји кои ја отфрлија. Оваа „помош“ се проценува на годишно ниво во просек од 2,6 милијарди долари меѓу 1951 и 1955 година; 4,7 милијарди долари помеѓу 1956 и 1959 година и 6 милијарди долари помеѓу 1960 и 1962 година. Меѓутоа, просечните износи извлечени од државите (помогнати од вакви донатори) во 1961 година се проценуваат на 5 милијарди долари од добивка, 1 милијарда долари од камати и 5,8 милијарди долари од нееднаква размена – или вкупно 11,8 милијарди долари наспроти вложени 6 милијарди долари . Така, „помошта“ излегува дека е уште едно средство за експлоатација, модерен метод за извоз на капитал под козметичко име.

Уште една неоколонијалистичка стапица на економскиот фронт стана позната како „мултилатерална помош“ преку меѓународните организации: Меѓународниот монетарен фонд, Меѓународната банка за обнова и развој (позната како Светска банка), Меѓународната финансиска корпорација и Меѓународната асоцијација за развој. Позади сите овие организации стои американскиот капитал. Овие агенции имаат навика да ги принудуваат потенцијалните заемопримачи да прифатат разни навредливи услови, како што се обезбедување на информации за нивните економии, поднесување на нивните политики и планови за преглед до Светската банка и прифаќање на мониторинг од агенцииите над нивната употреба на заеми. Што се однесува на наводниот развој, помеѓу 1960 и средината на 1963 година, Меѓународната асоцијација за развој им вети вкупно 500 милиони долари на апликантите, од кои средства биле добиени само 70 милиони долари.

Во последниве неколку години (како што истакнува „Тајмс“ на 1 јули 1965 година) дојде до значително зголемување на активностите во техничка и економска помош  за земјите во развој од страна на комунистичките земји. Во текот на 1964 година, вкупниот износ на помошта изнесуваше околу 600 милиони фунти. Тоа е речиси третина од вкупната комунистичка помош дадена во текот на изминатата деценија. Блискиот исток доби околу 40% од вкупната сума, Азија 36%, Африка 22 % и остатокот го доби Латинска Америка. Зголемената активност на Кина беше до одреден степен одговорна за поголемиот износ помош понудена во 1964 година, иако Кина придонесе само за една четвртина од вкупната помош; Советскиот сојуз обезбеди половина и земјите од Источна Европа четвртина од помошта. Помошта од социјалистичките земји е сè уште помала од онаа што ја нуди Западот, но често пати е поимпресивна затоа што е брза и флексибилна, а каматните стапки на комунистички заеми се само околу 2 проценти, во споредба со пет до шест проценти на кредитите од западните земји.

Но, не целата приказна за „помош“ е содржана во бројките, затоа што постојат услови што ја опкружуваат истата: склучување трговски и поморски договори; договори за економска соработка; право на интервенција во внатрешните финансии, вклучително и во валутата и девизната размена со цел намалување на трговските бариери во корист на стоките и капиталот на донаторот; заштита на интересите на приватните инвестиции; утврдување на начините за користење на средствата; принудување на примателот да формира фондови за партнерство; снабдување со суровини на донаторот; купување стока од донаторската држава. 

Таканаречената „невидлива трговија“ ги обезбедува западните монополи со уште едно средство за економска пенетрација. Над 90% од светскиот бродски транспорт и логистика се контролирани од империјалистички земји. Тие ги контролираат логистичките трошоци и помеѓу 1951 и 1961 година, истите петкратно ги зголемуваат, со вкупно зголемување од околу 60%, продолжувајќи го трендот на раст. Според ова, годишните нето-трошоци за превоз ги чини Азија, Африка и Латинска Америка не помалку од 1,6 милијарди долари. Овој износ не е вклучен во сите останати профити и камати. Во однос на плаќањата за осигурување, само во 1961 година, тие ги чинеа Азија, Африка и Латинска Америка дополнителни 370 милиони долари.

Проучувајќи го сето ова, почнавме да ги разбираме само основните методи на неоколонијализмот. Целокупниот степен на неговата инвентивност е далеку од исцрпен.


[продолжува]