На денешен ден на 22 години загина Елпида Караманди

На денешен ден 1942 година на 22 годишна возраст загина Елпида Караманди – учесничка во НОБ и народна хероина.

Родена е во влашко семејство во Лерин, Егејска Македонија. Се преселила во Битола откако мајка ѝ се премажила. Елпида во Битола завршила гимназија. Од нејзините школски другари/ки од битолската гимназија потекнуваат револуционери како што бил и Стефан Наумов – Стив. Уште во гимназијата била политички активна, се истакнувала во литературната дружина, на излети, во читање и растурање летоци, во судирите со реакционерната група на Љотиќевците.

Во 1938 година Елпида Караманди заминала на студии во Белград и се приклучила кон напредното студенско движење. Меѓу напредните студенти/ки имало многу ученици на битолската гимназија, која таа ги познавала и одржувала врски со нив. Во 1939 година таа била примена во СКОЈ, после што работела поинтензивно. Била вешта во регрутирањето на нови активисти од редовите на младината.

По капитулацијата на Кралство Југославија, таа работела на подготовките за вооружена борба. Во КПЈ била примена во јуни 1941 година. Револуционерните задачи станувале тешки, опасни и барале максимална посветеност. Караманди раководи со групите во градот, ги извршувала задачите на СКОЈ и посебно по партиска линија. Нејзината партиска активност ја забележала окупаторската полиција при што ја уапсиле.

Во полицијата таа храбро се држи и ништо не признава. Пуштена била од затвор, но знаела дека полицијата ја следи, па затоа по совет на Месниот комитет на КПЈ за Битола таа се повлекла во илегала. Во јануари 1942 година станала членка на Покраинскиот комитет на СКОЈ за Македонија. Како илегалка не можела да развива голема активност и се подготвувала за на пролет да оди со партизаните.

На 22 април 1942 година пристапила кон Битолскиот партизански одред „Пелистер“, но веќе на 3 мај 1942 година одредот бил опколен од бугарска војска и полиција. Во повеќечасовната борба Елпида покажала извонредна храброст. Еден митралески рафал тешко ја ранил. Потполно немоќна да изврши самоубиство била фатена од полицијата. Храбро го поднела мачењето при што умрела.

За Народен херој на Југославија е прогласена на 11 октомври 1951 година.Опеана е и во познатата народна песна „Таму ле, мајко, близу Битола“, напишана од Ајри Демировски (1950).