Оставка или бегство

Скоро еден месец популарни се ,,оставките“, на актуелниот премиер и претседател на СДСМ. Изминатиот период во средствата за јавно информирање доминираат стотици еквилибристики, анализи и констатации околу оставките. Оценките се движат од неверување дека ќе ги има па до хвалоспеви дека ова е недоживеан настан на македонската политичка сцена, изречени се мал милион навреди и пофалби, во зависност од кои редови доаѓаат. 

Оставка?! Оставката е личен чин, постапка, независно кој се мотивите и причините поради кои се дава. Причини може да бидат здравствена состојба, морал, притисок, уцена, бегство, според ова може да се заклучи дека оставката иако е лична постапка сепак таа има и друга позадина.

Ако ги разгледаме анализите за оставките (две во едно) искажани се многу претпоставки, тврдења па дури и желби. Само една претпоставка не е анализирана како суштина на оставките, а тоа е дека тие се обид за бегство и спас од сегашноста и иднината. Затоа добро е да ги видиме кои се тоа неколку АКО, како можности за оставките и би оделе по овој редослед.

Ако беа од здравствени причини, тоа одамно ќе беше обзнането, што значи не е здравје во прашање. 

Ако беа од морални причини до сега во изминативе години имаше многу неморални ситуации и постапувања кога можеше и требаше да бидат дадени, што значи не е морал во прашање.

Ако беа поради притисок од некого или некои структури, тоа ќе беше јавно објавено и ќе беа посочени кои се тие кои го вршат притисокот.

Ако беа поради уцена од некого или некои структури ќе беа преземени соодветни постапки од страна на државните институции, што значи не е ни уцена.

Реалната позиција на давателот на оставките во двата домена, власт и партија укажуваат дека нема никаква објективна причина за да предизвика ваква реакција и постапка. 

Локалните избори и резултатите од нив, не се никаква причина за поднесување оставки на двете функции, бидејќи немаат никаво влијание на функцијата, преседател на влада и претседател на партија. 

Најавите за промена на владејачкото мнозинство во парламентот за него би била мачкина кашлица да ја промени состојбата во своја полза, ако се има во предвид како постигна мнозинство за промена на уставот и името на државата. Значи причините не се ни во резултатите од локалните избори нити во можноста за промена на мнозинството во парламентот.

Состојбите во партијата и неговата позиција како претседател во ниеден момент не беа доведени во прашање. На носителите на партиските, а и државните функции од редовите на партијата ни на крај памет не им паѓа да бараат промени на носителот на водечката функција, поради прагматични причини, а тоа е загрозување на личните позиции и функции. Изјавата дека лично тој ја финансирал партијата и дека според тоа има право на сопственост, раководење и управување што и го постигна, уште повеќе укажува дека партиски превирања и расположение не се причина за оставка, никој не бега од свое.

Кога ќе се сублимираат сите горе наведени констатации се поставува прашање кој е мотивот и причината за поднесување оставка два во едно. Одговорот би бил БЕГСТВО!!!

Бегство од што? Има мал милион причини за бегство, почнувајќи од практикување на власта, состојбите во државата па до очекуваната не баш розова блиска иднина. Бегството може да биде решение за спас од грешките во минатото и иднината која ќе бара решавање на енормен број проблеми. Проблеми за кои беа создавани предуслови во текот на целото владеење со двете институции држава и партија. Бегството може да биде мотивирано од лични согледување, може да е совет од добар пријател или сугестија, барање на некоја странска служба со кои одржува блиски контакти според негово лично кажување.

Значи недвосмислено може да се заклучи дека се бара СПАС во БЕГСТВО, бегство од иднината и одговорноста што треба да ја сноси. За успешно бегство и спас потребни се време и логистика, време би се добило со останување на власт на оваа гарнитура до крај на мандатот, а логистика веќе е обезбедена. – Бегството е спас? Никој не избегал од себе си и од својата сенка.

  • Анализа на Левица – Сектор за Политички систем.