Проблеми за производителите на јаболка во преспанскиот регион

  • Реакција на Левица – ЛО Ресен.

Со почетокот на бербата на јаболка, почнаа и проблемите на голем број овоштари кои својата егзистенција ја обезбедуваат од одгледувањето на јаболката. Откупот на конзумно јаболко се одвива со проблеми, а цената на килограм изнесува 8 ДЕНАРИ, која е под рентабилната цена. Иста ситуација е и со јаболкото кое е наменето за преработувачката индустрија, кое со повремени прекини се откупува по цена од 2 ДЕНАРИ (!) за килограм. За дополнителните 3 денари субвенција, уште нема никакво известување кога ќе бидат исплаќани.

Иако премиерот во заминување Заев и министерот во оставка Хоџа, на почетокот на бербата на јаболка кажаа дека се грижат за земјоделците и овоштарите, тоа тие го разбираат само преку доделувањето на субвенции.

Но, овоштарството не може да просперира само од субвенции, потребно е да се плати трудот на овоштарите колку што реално изнесува, потребно е да се запре богатењето на трговците и преработувачите на сметка на овоштарите. Вака, во вакви услови, егзистенцијата на овоштарите е загрозена, и тие полека ќе ги напуштаат овоштарниците и ќе си бараат просперитет на друго место.