Крмов: Дупката во буџетот Владата ќе ја пополнува преку приватизација

На денешната собраниска Седница, пратеникот од Левица Борислав Крмов, побара збор, и жестоко го критикуваше предлог буџетот за 2022 година. На говорницата тој обелодени планирање на рекордно висок буџет кој има дефицит од половина милијарда.

Ние имаме рекордно планиран буџет од приближно 4,5 милијарди евра. Врз тоа имаме околу пола милијарда, односно 544 милиони евра дефицит. Прашањето е: на кој начин Вие ќе го пополните овој екстремно надуван буџет? – А и на кој начин планирате да ја пополните оваа дупка во форма на дефицит?

Пратеникот на Левица нагласи дека ваквиот буџет е неодржлив, ѝ истиот преку неминовен ребаланс, ќе биде надополнуван со кредити, кои повторно ќе ги плаќаат граѓаните.

Како и претходниот буџет, една од работите што ги планирате се  задолжувања. Сега имаме 813 милиони, значи повторно блиску милијарда евра, и, друго нешто што паѓа во очи е енормното зголемување на приходите од ДДВ дури до 15% или над 115 милиони евра. Сега е прашањето Како, додека трае ковид кризата, значи прометот е намален, Вие планирате да имате 150 милиони евра повеќе? Дали тоа ќе биде од инфлацијата која ни се случува? – Иако инфлациската ставка Ви е ниска. сите ја чувствуваат инфлацијата. Моментално сите, буквално сите производи се поскапени и таа инфлација им ги јаде платите на граѓаните! Или можеби во ребалансот кој што неминовно ќе следи, ќе имаме ново задолжување? – Kое што најсиромашните граѓани ќе мора да го исплаќаат со години а најверојатно и со децении.

Во своето излагање Крмов посебно внимание осврна на плановите на СДСМ и ДУИ за спроведување на нова приватизација, која според него веројатно е најопасното и најштетно нешто што може да и се случи на државата. Тој истакна дека додека пратениците на Левица се во Собранието, нема да дозволат да се случи нешто такво.

Не се откажувате од приватизациите, кои што ги планиравте и со минатиот буџет. Тука имаме ставка за прибирање на средства со приватизација. Значи, тоа се државните претпријатија што останаа неприватизирани. Збориме за „Македонски железници“, „Македонски Пошти“, „ТЕЦ Неготино“ кој што во кризата сакате да го приватизирате. „Колска“ – Велес, „Еуро Композит“, кој што ни е единствената фабрика за оружје! –  Сакате да не оставите буквално куршуми да увезуваме. И здравството, еве вчера што моравме да реагираме и да спречиме. Буквално, на мала врата приватизација на брзата помош.

И на крај, секако, вашиот план за приватизација на плодно земјиште. Значи ова во ниедна држава го нема! – Еден од најбитните ресурси, можеби најбитниот ресурс е земјата, посебно плодната земја и тоа апсолутно не смее да се дозволи. Вие никако да научите дека деведесеттите завршија и ова кај народ не оди веќе. Приватизација е грд збор, тоа е пежуратив, луѓето не веруваат дека наводно со приватизација ќе ја подобриме економијата.

За вакво распарчување на национални, природни ресурси, ќе Ви кажам дека се креваат и револуции. Додека сме ние во собранието нема да дозволиме!