Апасиев: Преку создавање правна празнина сакаат да ја протуркаат приватизацијата на брзата помош

Пред неколку дена, на предлог на Министерот за здравство, Венко Филипче, до Комисијата за здравство во Собранието беа доставени предлог измените во Законот за здравствена заштита, по скратена постапка.

Од партијата Левица велат дека преку овие навидум бенигни измени, власта ја приватизира брзата помош на мала врата. Претседателот на партијата, Димитар Апасиев, за „Слободен печат“ изјави дека преку измената во член 29 од Законот за здравствена заштита и терминот „транспорт на пациенти”, се создава правна празнина која им служи единствено на бизнис интересите.

Вака се почнува, се опипува пулс. До сега можеше итна помош да дава само државата, сега ќе може кој сака тоа да го прави. Филипче треба да им пушти инспекции на тие приватни установи што даваат итна помош, а тоа вешто го прикриваат под називот „транспорт на пациенти”. Со овој закон ќе има правна празнина која ќе биде злоупотребувана од бизнис интересите на приватните здравствени установи за да се зголеми пазарот на приватна брза помош. Следниот чекор после ќе биде да има уште повеќе приватни клиники со свои транспортни услуги и да мора да се регулираат. Ќе прават бизнис. Ако се погледне физибилити студијата за јавно приватно партнерство, натака оди работата. Браната сега е членот 29 од Законот за здравствена заштита кој изричито дава државата да има монопол врз итната помош. Тоа е првата брана која сакаат елегантно да ја срушат и кога ќе ја срушат, ќе речат, ајде да донесеме закон да ги регулираме давателите на приватна итна медицинска помош. И така ќе дојдеме до ситуацијата како во ковид пандемијата, да се лекуваат во приватните установи само тие што имаат пари. Ова е психологија тактика ,,салама” – два милиметри по два милиметри. Стратегиски работат малку по малку. Наредно ќе биде да имаме уште 30 фирми што даваат приватна итна помош односно цел пазар. – Изјави за „Слободен печат“ претседателот на Левица, Димитар Апасиев.

Пратеникот смета дека Власта намерно не вложува во државното здравство, со цел приватизацијата да биде спроведена полесно.