Владин апетит без дно – Ќе се јаде лигни, шкампи, ракчиња, чаден лосос и бејби биф – Луксуз на сметка на мизеријата
Во земја каде што просечен граѓанин со мака врзува крај со крај, додека старците бројат за леб и лекови, Владата одлучила – време е за гозба. И тоа не било каква. На државна сметка, со наши пари, ќе се јадат лигни, шкампи, ракчиња, чаден лосос и бејби биф. Ќе се потрошат 8,3 милиони денари, односно над 135.000 евра народни пари, за министрите и функционерите да не останат гладни додека ја уриваат државата.
Според објавените документи за јавни набавки, Службата за општи и заеднички работи на Владата (СОЗР) склучила договори со две компании кои ќе се погрижат да не недостига ништо од менито на владиниот раскош: чаден и обичен лосос, пастрмка, калифорниска пастрмка, школки, морски плодови, џигери, пршути, ребра, шкембе, мисиркино и јунешко месо, сè до последна кременадла и чајна колбас.
Додека стотици деца по училиштата јадат сендвичи со најевтин саламски отпад, додека студентските домови личат петта категорија живеалишта, далеку под секакви стандарди , а во болниците недостигаат основни средства, владините лордовци решија да не штедат за себе.
Ајде нека излезе некој од нив пред народот и нека објасни:
Со кој образ правите договори за набавка на шкампи, додека секој втор млад човек си ја пакува куферчето за Германија?
Кој народен интерес го браните со ракчиња и пршути?
И зошто ова личи на оброк на олигарси, а не на скромна администрација во сиромашна земја?
Ова не е повеќе корупција – ова е башибозлук во сребрена чинија! Гозба со народни пари, од страна на кастата што секојдневно го храни народот со лаги и демагогија за „тешки реформи“ и „европски вредности“. Ако тоа значи – елитата ќе јаде лигни, народот ќе голта солзи – тогаш ви благодариме, веќе сме во Европа, ама во онаа феудална Европа од 17. век.