Левица Велес: Веќе 35 дена патници трпат доцнења поради неисправна железничка делница – институциите никаде ги нема
Локалниот огранок на партијата Левица од Велес реагира на продолжената неактивност на институциите околу санацијата на оштетената железничка делница кај Маркова Река, која повеќе од еден месец ги остави патниците што патуваат меѓу Велес и Скопје да се соочуваат со доцнења, непријатности и несигурен превоз.
Според соопштението, делницата меѓу станиците Драчево и Скопје останува во неисправна состојба уште од излевањето на Маркова Река, пред повеќе од 35 дена. Возовите, наместо по стандардната траса, се пренасочуваат преку Трубарево или Илинден, каде брзината е ограничена на само 10 километри на час, што дополнително ја забавува линијата.
„Граѓаните се принудени да тргнуваат и до час и половина порано за да стигнат навреме, а сето тоа поради запоставена железничка делница од едвај 100 метри,“ стои во реакцијата. „Во други земји за 35 дена се гради мост, кај нас не се поправа ни метар пруга.“
Од Левица Велес велат дека патниците не добиваат ниту јасни информации, ниту рокови за санација, што создава дополнителна фрустрација кај секојдневните корисници на железничкиот превоз, особено меѓу Велес и Скопје – релација на која секојдневно патуваат стотици граѓани.
Локалниот огранок бара итна интервенција од надлежните институции за поправка на оштетената делница и вели дека оваа ситуација е уште еден показател за сериозната запоставеност на железничката инфраструктура во земјата.
„Железницата е основен сервис за илјадници граѓани. Не може да биде жртва на административна незаинтересираност и хронична нефункционалност,“ порачуваат од Левица Велес.
Целата реакција на локалниот огранок на Левица од Велес во продолжение: