Пешиќ враќа со остар тон – Доста беше молк за Газа и лицемерие за 9 Мај
Звезданка Пешиќ активистка и асистентка на пратеникот на Левица, Борислав Крмов, со остра реакција на социјалните мрежи, откако дел од јавноста се нафрли со критики врз лидерот на партијата, Димитар Апасиев, по неговата посета на Паркот на победата во Скопје по повод 9 Мај – Денот на победата над фашизмот.
„Ајде малку намирете се – ни Апасиев, ни Левица не ви се плашат!“, стои во објавата која веќе предизвика бројни реакции. Пешиќ, не се штедеше во критиките кон медиумите и либералната јавност, обвинувајќи ги дека секогаш кога немаат што да напишат – „удираат по Левица“.
„Димитар Апасиев можеби нема мандат да зборува во име на целиот народ, ама има барем толку интегритет да не зборува од име на амбасади, фондови и надворешни тутори“, се вели во објавата, која директно ја доведува во прашање самостојноста на актуелната политичка и медиумска елита во земјава.
Во таа насока, истакна дека Апасиев „не се крие зад факинг ‘европски вредности’ додека Западот снабдува со оружје една страна во војна“, со што се алудира на тековната политика на ЕУ и НАТО во однос на Украина, но и на молкот за геноцидот во Газа.
„Москва била срам? А Вашингтон што е – духовен центар на антифашизмот?“, прашува авторката на објавата, потсетувајќи дека денешните критичари на Апасиев до вчера со НАТО транспаренти го славеле 9 Мај, додека истовремено го потценувале придонесот на Црвената армија и партизанскиот отпор.
„Ви пречи што некој отиде во Парк на победата да оддаде почит на загинатите? Не ви пречи што по истиот повод, Вучиќ и Орбан испратија свои делегации? Или таму важи друг аршин?“, продолжува текстот, поставувајќи клучни прашања за лицемерството и политичкиот кукавичлак кај македонските власти и медиуми.
Критиката завршува со силна порака: „Ако вам ви е непријатно кога Македонец кажува ‘фала’ за жртвата на Црвената армија – тоа е ваш проблем. Има народ кој не заборава и не се плаши да го каже тоа.“
Во време кога антифашизмот станува незгодна тема за многу европски бирократии и домашни елити, гласовите од Левица, без оглед дали се формални или неформални, стануваат сѐ почесто место каде што се слуша јасна и недвосмислена порака: нема компромис со историската вистина и нема молк пред хегемонијата на „правоверните вредности“.
Дали оваа реакција е само еден гневен статус или сигнал за пошироко незадоволство во општеството? Очигледно е – кај многумина, чашата одамна прелеала.