(Фото) „Останавме без деца, засрамете се!“ – Мајка на жртва од пожарот во Кочани одговори на обвинувањата за политичка заднина
Стојка Иванова-Антова, мајката на трагично загинатата Ивона Антова во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, остро реагираше на социјалните мрежи на обвинувањата дека протестите на родителите имаат политичка позадина. Иванова-Антова, која јавноста ја познава и како единствената жена пожарникар во Кочани, порача дека болката и трагедијата што ги доживеале не треба да се злоупотребуваат и коментираат со политички мотиви.
Реакцијата уследи откако корисничка на социјалните мрежи под името Лидија Ивановска напиша дека „одбивањето да се сретнат со премиерот и протестот се во политички правец“. Антова во својот одговор емотивно порача:
„Да не си во наша кожа, па терај ја нашата политика. Срамота, и вие сте жени, мајки, немате ли малку срце и друга работа, освен да коментирате? Нашите деца кои ги убија, кои се закопани, се од Македонија и од сите политики, и не ги прашаа од која партија се, па да ги убијат. Засрамете се. Нѐ замарате и ни ставате дополнителни стресови и нервози. Останавме без деца, еј, без деца сме. Сега нашите, утре вашите“, напиша таа.

Нејзината објава доби широка поддршка од граѓани кои ја разбираат болката што ја носат семејствата на жртвите и се против политизирање на трагедијата.
Слична порака упати и Мита Тасева, мајката на загинатиот диџеј Стефан Тасевски, која на Фејсбук објави фотографија од гробот на својот син со прашањето:
„Дали овде пишува политика или смрт?“

Протестите на родителите, како што истакнуваат самите, се повик за правда, одговорност и подобра безбедност за младите – за да не се повтори ваква трагедија.