Јанчев за трошоците за НАТО: „Пет отсто од буџетот за војна – болниците се распаѓаат“
Пратеникот од Левица, Сашко Јанчев, преку објава на својот Фејсбук-профил остро го критикува најавениот план Македонија да издвојува 5% од државниот буџет за исполнување на стандардите на НАТО. Според него, тоа е недозволиво во состојба кога државата се соочува со сериозни проблеми во здравството, инфраструктурата и социјалната сигурност на граѓаните.
„Планот е сиромашната Македонија, со распаднати болници, крпени улици, без решени стамбени прашања за младите, да плаќа 5% од буџетот за НАТО и за подготовка за нова голема војна – од која, како и досега, не добиваме ништо“, напиша Јанчев.
Тој потсетува дека со влезот во НАТО пред пет години, граѓаните беа уверувани дека ќе следи напредок, но, како што наведува, „глава боли од многу прогрес“, алудирајќи саркастично на влошената состојба во јавните услуги.
Јанчев остро реагира и на одлуката за набавка на оклопни возила од САД за време на пандемијата со ковид-19, посочувајќи дека тие чинеле 210 милиони долари – средства кои, според него, можеле да се насочат кон изградба на нов клинички центар.
„Зголемивме трошоци за војна, намаливме за живот. Ете тоа добивме“, нагласува пратеникот, потсетувајќи дека во исто време, луѓето морале да депонираат илјадници евра за да добијат болничко лекување, а многумина, според него, го загубиле животот поради тоа.
Тој ја критикува и некогашната намера за приватизација на службата за итна медицинска помош, нагласувајќи дека пратениците од Левица со амандмани ја блокирале оваа легислатива, а ковид-кризата покажала колку е опасен таков потег.
Јанчев со иронија ја коментира и актуелната политичка сцена, споменувајќи го министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски како „новата Славјанка“, а однесувањето на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ околу користењето на „Северна“ како дел од уставното име го нарекува „евроатлантски bullshit“.
„Ама не берете гајле“, заклучува Јанчев саркастично, „сега системот функционира, ДПМНЕ е на власт и мајките можат мирно да спијат“.
Целиот негов Фејсбук статус во продолжение: