Левичарот Педро Кастиљо е нов претседател на Перу

На изборите во Перу (одржани на 6 април и 11 јуни) 18 кандидати учествуваа во борбата за претседателската позиција. Ова беа едни од најнеизвесните претседателски избори во државата. Тешко можеше да се даде предност на некој од учесниците. Иако анкетите беа прилично изедначени, дел од истражувачките центри го фаворизираа Јонхи Лескано од либерално-реформаторската партија.

Но, и покрај фаворизирањето на Лескано, тој заврши на петатта позиција и не успеа да обезбеди влез во вториот круг на изборите. Кеико Фуџимори од десничарската партија ,,Популарни сили“, ќерката на поранешниот перуански диктатор Алберто Фуџимори и Педро Кастиљо, учител во руралните области од левичарската партија „Слободен Перу“ во вториот круг, се бореа за претседателската функција.

Гласањето во вториот круг заврши со победа на политичкиот „аутсајдер“, учителот Кастиљо, со разлика од 44.000 гласови. Но, официјалниот резултат беше одложен поради барањата на Фуџимори, која обвини за измама и бараше  да се поништат дел од гласачки ливчиња, но за тоа немаше доволно докази. Приговорите беа разгледувани речиси цел месец во обид да се најдат нерегуларности. „Денес приговорите се целосно разгледани и отфрлени од изборните власти“, изјави за Ројтерс адвокатот на конзервативната партија на Фуџимори. Без оглед на тоа што разликата во гласови е мала, Педро Кастиљо е голем победник на овие избори.

Организацијата на американски држави, Европската Унија, Канада, Велика Британија и Стејт Департментот на САД изјавија дека изборите во Перу се регуларни. Портпаролот на Националната изборна комисија која го надгледува изборниот процес, официјално потврди, дека Кастиљо би ја преземал функцијата на 28 јули со петгодишен мандат.

Неговата мала видливост на анкетите покажа дека неговата најголема поддршка  всушност доаѓа од послабо развиените региони и рурални области, каде најголем дел од населението е сиромашно и живее во релативно лоши услови. Дополнително, партијата на Кастиљо „Слободен Перу“ освои над 16% од гласовите за Конгресот и со тоа обезбеди најмногу пратенички места. Сепак, доколку сакаат да формираат влада, тие ќе мора да коалицираат со други пратии.

Овие избори уште еднаш го потврдија трендот за пораст на поддршката кон ,,левите идеи“ и одбивноста кон неолибералниот систем, феномен кој има се поголема пракса на Јужноамериканскиот континент.