И покрај забраните, Фицо и Вучиќ на Црвениот плоштад – Европа молчи, а Естонија затвора небо
Москва ја славеше 80-годишнината од победата над фашизмот со традиционална воена парада и дипломатска порака кон светот – но фокусот на вниманието не беа само тенковите и ракетите на Црвениот плоштад, туку и државниците кои одлучија да дојдат. Меѓу нив, рускиот режим особено ги истакна српскиот претседател Александар Вучиќ и словачкиот премиер Роберт Фицо, кои според Кремљ – направиле „херојски чин“.
„Голем број луѓе дојдоа и покрај притисокот што им беше вршен. Особено ако зборуваме за Вучиќ и Фицо, тоа е чин на херојство, бидејќи покажувањето на суверената волја да се почитува споменот на Денот на победата и покрај отворениот и неограничен притисок, е достојно за највисока оценка“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Фицо, кој во изминатиот период ја засили реториката против ЕУ-бриселскиот наратив за Украина и западната политика, патуваше до Москва по алтернативен, заобиколен пат. Причината? Естонија, земја-членка на НАТО и ЕУ, го затвори својот воздушен простор за авионот со кој патувал словачкиот премиер. Тоа не го спречи Фицо да стигне до Москва и да присуствува на церемонијата заедно со Вучиќ, со што двајцата го демонстрираа – како што го оценува Кремљ – „суверенизмот“ наспроти западниот притисок.
Присуството на овие двајца лидери се толкува како дипломатски исчекор во време кога Европа, генерално, ја бојкотира Руската Федерација поради воената агресија врз Украина. Вучиќ, кој долго време балансира меѓу Истокот и Западот, и Фицо, кој отворено се спротивставува на воената помош за Киев, ја искористија приликата да испратат порака дека антифашизмот – како историска вредност – не смее да биде приватизиран од западните сили.
Во времиња на обновен геополитички раздор, нивниот гест – без оглед на мотивите – беше пречекан во Кремљ како симбол на достоинство и историска лојалност.