АктуелноИнтернационално

Антифранцускиот бран во Африка продолжува да се шири – Која земја е следна?

После ЦАР, Мали, Буркина Фасо, Нигер, сега и Габон – земјата богата со нафта, злато, уран и дијаманти ја зафати антифранцускиот и антиколонијалниот бран.

Откако државното избирачко тело објави дека претседателот на Габон, Али Бонго Ондимба добил трет мандат, рано утринава на телевизискиот канал „Габон 24“ група офицери објавија дека ја презеле власта и дека ставиле крај на режимот.

Средба меѓу францускиот претседател Емануел Макрон и претседателот на Габон Али Бонг Ондимба во Париз, јуни 2023 година.

На изборите Бонго Ондимба, кој е на власт 14 години, наводно освоил 64,2 отсто од гласовите, додека неговиот главен ривал Алберт Ондо Оса – кој претходно се жалеше на наводни изборни нерегуларности – доби 30,7 отсто.

Офицерите најавија распуштање на сите владини институции и поништување на резултатите од претседателските и парламентарните избори, а француската премиерка Елизабет Борн рече дека Франција „внимателно ја следи ситуацијата во Габон“.

Али Бонго (64) е син на вториот претседател на Габон, Омар Бонго Ондимба, кој беше на власт цели 42 години и го наследи својот татко на функцијата во 2009 година.

После неодамнешните настани во Нигер, кој исто така е поранешна француска колонија, може да се каже дека е во прашање тренд на соборување на профранцуските елити.

Засега има многу малку информации што точно се случило, односно дали некој стои зад пучот. 

Во Габон засега нема руски знамиња, и Габон досега не бил предмет на руско влијание. Можеби само им е доста од Французи.

 Сепак постои можност Али Бонго да има лојалисти, со чија помош може да ја сврти ситуацијата. Пред неколку години исто така имаше обид за државен удар, но за два дена сите беа уапсени. 

Во овој регион Брегот на Слоновата Коска е најагресивен во однос на воената интервенција во Нигер – и Брегот на Слоновата Коска отсекогаш бил столб на француското влијание во Западна Африка – постои голема можност тие да бидат следните што ќе го почувствуваат антифранцускиот бран.

Жозеп Борел загрижен за случувањата во Африка

Министрите за одбрана на Европската унија ќе се состанат за да разговараат за ситуацијата во централноафриканската држава Габон.

Изразувајќи загриженост за ситуацијата, шефот за надворешна политика Борел изјави дека државните удари во другите делови на континентот се „ голем проблем за Европа “.

„ Целата област, почнувајќи од Централноафриканската Република, потоа Мали, потоа Буркина Фасо, сега Нигер, Габон, е во многу тешка ситуација и секако министрите на ЕУ мора длабоко да размислат за тоа што се случува за таму и како можеме да ја подобриме нашата политика во однос на овие земји “.