Левица: За министерката за култура татковината на Конески и Матевски е занемарен факт

  • Реакција на Левица – Сектор култура

Деновиве на официјалната веб страница на Струшките вечери на поезијата до имињата на македонските лауреати, венценосците Блаже Конески и Матеја Матевски, како и бројни поети, добитници на наградата „Браќа Миладиновци“ името на државата Република Македонија е променет со срамното С пред Македонија, чин кој предизвика оправдани реакции во културната јавност.

По ова се огласи и министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска, која го повика на одговорност директорот на НУ Струшки Вечери на Поезијата, Тодорече Тасевски, изземајќи се самата од одговорност, наведувајќи дека целиот пропуст бил ненамерна грешка и „занемарен факт“. По нејзината објава веб страницата на Струшките вечери е времено недостапна.

Ако се анализира политиката која ја води Министерството, а со тоа и фестивалот, кој годинава беше под мотото „Чувствотворен јазик“, може да се забележи дека од една страна се пренагласува флоскулата „го браниме македонскиот јазик“, а од друга страна се пренагласува употребата на придавката „Северна“ во секоја пригода. Политиката на оваа власт е вазалска им се угодува на странските авторитети и амбасади од една страна, а од друга се залажува македонската јавност дека тие го бранат јазикот.

Оттука произлегува дека пропустот не е ненамерен, туку напротив, направен е под силниот притисок што министерството го врши врз сите институции и проекти кои добиваат средства од нивниот фонд, за употреба на зборот „Северна“ секогаш и секаде.

Институциите и уметниците се ставени во позиција да го трпат понижувањто или да се откажат од своето творештво. Намерата е континуирано да се девалвира македонската култура, да се избрише сѐ македонско што постоело, а ново да не се создава.

《Преживување – Блаже Конески》
Какви порази сме морале да издржиме,
какви срамови,
какви поруги.
Боже, умот дури ми се свртува!
Ни помагало нешто, нè крепело нешто,
некаква смешка, некаква површност, –
и по сето тоа
во нас
некаква надеж, некаква желба,
некаква скриена смисла
безрасудно
пак изртува!