Протест против измените на законите за Коридор 8 и 10-д

Од Македонското археолошко друштво и ИКОМОС, за денес во 10 часот во паркот „Жена борец“, спроти Собранието, најавија дека ќе одржат мирен собир и ќе го искажат својот револт од предлогот на група пратеници за измени во Законот за заштита на културното наследство кој е во собраниска процедура по скратена постапка

Пратениците утре ќе расправаат и за предлог-измени и дополнувања на законите за земјоделско земјиште, експропријација, урбанистичко планирање, заштита на културно наследство, минерални суровини, работни односи, шуми, градење, како и за утврдување јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридорот 10-д. Предлог-измените и дополнувањата на законите, предложени од група пратеници од партиите од мнозинството, се поврзани со изградбата на автопати од коридорите 8 и 10-д

Македонското археолошко друштво (МАД) и Националниот комитет на Меѓународниот совет за споменици и локалитети-ИКОМОС најавија мирен собир за утре во 10 часот во паркот „Жена борец“, спроти Собранието, од каде што ќе го искажат својот револт од предлогот на група пратеници за измени во Законот за заштита на културното наследство, кој е во собраниска процедура по скратена постапка. Од Македонското археолошко друштво и ИКОМОС упатија апел на протестот да им се приклучат претставници од Министерството за култура, од Управата за заштита на културното наследство, од установите за заштита, како и сите засегнати граѓани.

Од МАД и ИКОМОС сметаат дека предложените измени и дополнувања се на штета на културното наследство и тие се направени без консултации и вклучување на стручната и научната јавност, чија професионална дејност е да го истражува и заштитува културното наследство, согласно Уставот и релевантните закони.

Од Македонското археолошко друштво вчера ги повикаа пратеникот Арбер Адеми, како овластен предлагач, и останатите пратеници предлагачи итно да го повлечат предложеното дополнување на Законот, а Владата да не дозволи заради бизнис интересите на одредени политички дисиденти да биде инвеститор во уништувањето на заедничкото културно наследство кое треба да го оставиме на идните генерации. Од Македонското археолошко друштво апелираат до пратениците во Собранието да ги разбудат своите свест и совест, да го спречат донесувањето на криминални и штетни измени во Законот за заштита на културното наследство.

Освен за Законот за заштита на културно наследство, пратениците ќе треба да се изјаснат и за предлог-измени и дополнувања на законите за земјоделско земјиште, експропријација, урбанистичко планирање, минерални суровини, работни односи, шуми, градење, како и за утврдување јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридорот 10-д.

Од партијата Левица денеска преку соопштение реагираа за измените на овие закони кои утре ќе бидат пред пратениците.

„Измените на овие закони воопшто не се наивни и не само што со нив се кршат низа други законски и уставни одредби, истите се на штета на граѓаните на Република Македонија. Еден од законите којшто ќе претрпи измена е Законот за пренамена на земјоделско земјиште, каде, за потребите на ‘Бехтел и Енка’, се предлага пренамената на земјоделско во градежно земјиште да се врши само врз основа на еден член од законот – значи со законска одредба, без притоа да се бараат било какви дозволи или одобренија од државни органи или институции. Ова важи како за државно, така и за приватно земјиште“,

Оттаму реагираат и за Законот за експропријација, за кој велат дека оштетени ќе бидат сите граѓани на кои ќе им се одземе недвижност за изградба на коридорите.

„За потребите на ‘Бехтел и Енка’ ќе се менуваат и Законот за урбанистичко планирање, Законот за културно наследство и Законот за минерални суровини. Со ваквото менување на закони по скратена постапка за потребите на приватно профитабилно правно лице, а на штета на граѓаните на Република Македонија, Владата на СДСМ и ДУИ уште еднаш докажа дека единствено се грижат за потребите на нивните стратешки партнери преку кои си ги полнат своите џебови крадејќи од сопствениот народ“,