Над сто вработени лица од ”Никоб” пред работен отказ

Над сто вработени во „Никоб“, кои работат на обзбедување на општинските згради во Македонија што имаат канцеларии и на подрачни единици на министерства и на разни самостојни органи на државната управа, наместо да ги добијат двете заостанати плати за февруари и март, добиле формулар дека самите си даваат отказ од работното место, a тие само да го потпишат. Такви канцеларии има во општинските згради во Пробиштип, Кочани, Штип, Свети Николе и во повеќе други општински згради во Македонија, чие обзбедување владината Служба за општи и заеднички работи врз основа на тендер од 2 милиона евра за 3 години го довери на фирмата за обезбедување на имоти и лица „Никоб“.

И покрај обидот да дознаат нешто повеќе, вработените немаат никакво известување за што се работи и кои се причините за ваквите формулари, ниту имаат информации дали и кога ќе ги добијат двете заостанати плати за февруари и март. Единствено што на вработените од непосредните општински шефови им било кажано е дека ќе работат уште денеска, а од утре да не доаѓаат на работа. Во наредните десет дена ќе останат само по еден вработен, а потоа и тие ќе си заминат дома.

Од „Никоб“ и од владината Служба за општи и заеднички работи денеска не беа достапни за коментар.

„Формуларите не ги потпишуваме затоа што планираме нашите права по основ на работен однос и другите принадлежности што по закон ни следуваат да ги бараме преку суд. Две години добивме регрес за годишен одмор само по 100 денари. Немаме никакви надоместоци за работа во недели и празници. Ќе си ги бараме заостанатите плати, затоа што пред шест години не добивме исто така заостанати неколку плати и од претходната компанија „Секјуриком “ која пропадна поради разни малверзации и криминали, а сопствениците пребегаа во странство“, велат вработени во „Никоб“.

Вработените обезбедувачи на општинските згради веќе ги информирале градоначалниците на Општините. Некои од нив, како што е случајот во Кочани и Пробиштип, размислувале да им излезат во пресрет со тоа што тие да продолжат со истите работни задолженија, а во меѓувреме со владините органи и служби ќе го решаваат нивниот статус.

Статијата е превземена од sdk.mk