Ден на сесловенските просветители – солунските браќа Св. Кирил и Методиј

Празникот во чест на Св. Кирил и Св. Методиј, или Ден на сесловенските просветители, е ден на светите солунски браќа Кирил и Методиј, основачите на првата словенска азбука – глаголицата. Toa e денот кога е започната Моравската мисија, а се празнува на 24 мај (11 мај). Светите браќа Кирил и Методиј се основоположници на македонската писменост и литература и се заслужни за културниот развој на сите словенски народи.

Св. Кирил и Св. Методиј Солунски се родени браќа од Солун, од угледно и богато византиско семејство, татко Лав и мајка Марија. Постариот брат, Методиј, како офицер поминал десет години меѓу македонските Словени. Потоа се оддалечил на гората Олимп и се предал на монашки подвиг. Овде подоцна му се придружи и Кирил (Константин Филозоф). Кирил и Методиј, познати како солунските браќа просветители, имаат голема улога во словенската историја. Нивното дело ги описмени словенските народи.

„Не врне ли дожд од Бога еднакво за сите? А Сонцето не грее ли исто така за сите? Зарем не дишиме воздух сите еднакво? Па тогаш како не се срамите да признаете само три јазика, а сите други народи сакате да бидат слепи и глуви?“

Ова е познатата реплика на Кирил во Венеција во одбрана на правото сите народи, па и Словените, на свој јазик да ја изведуваат богослужбата – откако во Моравија биле оспорувани од германските свештеници. Тие ги обвинувале солунските браќа затоа што службата ја изведувале на словенски јазик, тврдејќи дека Божјото слово треба да се проповеда само на три јазици: еврејскиот, грчкиот и латинскиот.⁣

По нивната смрт, нивните ученици ја продолжуваат нивната работа и дејност помеѓу Словените. Двајцата браќа се почитувани во Источната православна црква како светци со титулата Еднакви со Апостолите. Во 1880, Папата Лав XIII ја вовел нивната слава во календарот на Римокатоличката црква. Во 1980, Јован Павле Втори ги прогласил за созаштитници на Европа, заедно со Бенедикт Нурсијски.

Токму поради тоа денешниот голем македонски празник, Денот на сесловенските просветители е еден од најсветлите празници, за македонската историја, идентитет и јазик.