Промоција на сликовницата „Другарко“ утре во Градската библиотека „Браќа Миладиновци”-Скопје

Во Градската библиотека „Браќа Миладиновци” во Скопје утре со почеток од 17 часот ќе се одржи промоција на сликовницата „Другарко“, за која автор на текстот е Денис Јанкуловски–Космонаутко, а илустратор – Наташа Костовска. На промоцијата ќе настапат инклузивното танцово студио „Еурека“ и Марија Савеска и Дени Жерновска.

Со авторот Јанкуловски и илустраторката Костовска за сликовницата ќе разговараат книжевната критичарка Александра Јуруковска и издавачот, Дејан Трајкоски. Сликовницата „Другарко“ на неодамнешниот Саем на книгата го доби највисокото признание за општествена одговорност што го доделува Македонската асоцијација на издавачи.

– Ова е една од ретките сликовници кај нас, којашто се занимава со децата со нетипичен развој. Во сликовницата, главниот јунак е детето Другарко кое има аутизам и коешто си живее во својот свет, а приказната е мајсторски раскажана, испреплетена со етички поуки за другарството, заедништвото и почитувањето на поинаквите. Боите во сликовницата се ненападни, а и фонтот е едноставен, а не разигран, со цел сликовницата да можат да ја гледаат и читаат сите деца, стоеше во образложението на жири-комисијата.

„Другарко“ е во издание на „Прозарт медиа“, а објавувањето е поддржано од Министерството за култура, Шпаркасе Банка, Дата Понс, Тиквеш и Сити Флауерс.