„Крајбрежево“ изложба на Љубиша Камењаров во КИЦ


На 6 септември (среда) со почеток од 20 часот во Културно информативен центар- Скопје,Салон Империјал 2 ке се отвори изложбата на дигитална графика и инсталација “Крајбрежево” на Љубиша Камењаров.

Почетната замисла потекнува од едно лично видување за единственоста на личноста наспроти опкружувањето и човековата збирна множина.

Понатаму продолжува како прикажување на два соседни, идејно и физички засебни делови, при што: еден дел е посветен на личноста и засебноста (индивидуалноста), а другиот на мнозинството и заедничкото (колективноста).

Насловот ја покажува алегоријата и преносното значење, каде што водата и брегот се сонот и јавето, односно секојдневните желби наспроти тековните фактички состојби со кои се сретнуваме.

Оваа, да речеме, идејна федерација, делумно е инспирирана и од теориите и толкувањата за улогата на уметниците и самата ликовна уметност во општеството. Имено, во голема мера расправата се однесува на тоа, кој, како и зошто делува во
областа на уметноста. Дали се тоа независни самостојни единки со сопствени мерила, или заедница која делува во група со заеднички идеи. А, потоа се надоврзува дебатата за убавото и корисното, односно, прифаќањето или разидувањето меѓу естетиката која се залага за дело со сетилност, убавина и вкус, и етиката која вниманието го полага на самиот процес на делување и соработка.

Практично кажано, во техничка смисла, обмислена е дводелна галериска поставка, каде индивидуалниот дел се наоѓа на една, а колективниот дел на друга страна.

Делот на личните искуства е претставен преку цртежи, врамени извадоци, а потоа и во целост, како ликовна приказна уредена во формат на каталог, налик на мала новела, или стрип, поставувајќи ја познатата и честа улога на делото и публиката.

Колективниот дел, сочинет од неисполнети листови хартија, моливи, маса/и, столови, со отворена покана за соработка со публиката, нуди можност за делување во група со заеднички идеи, со што ја покажува свесноста за
општествената и социјална улога на уметноста.

Кратка биографија:

Љубиша Камењаров, роден 1978, во Скопје, со својот интерес за цртање и
создавање, во 1993 година се запишува во Средното училиште за применета уметност “Лазар Личеноски” – Скопје. Своето образование го продолжува на
“Факултетот за ликовна уметност” – Скопје, оддел вајарство, и дипломира 2004 год.

Од 2005 – 2007 работи на изработка на сценографии за разни театарски и
филмски продукции. Во 2007 тие искуства ги преточува во свои кусометражни видео остварувања, и учествува на Фестивалот за видео – арт – “Videospritz”, во Трст, Италија, како и на Скопскиот филмски фестивал, со експерименталното видео “Согласник”. Почнувајќи од таа година, како член на уметничка група, дел е од разни уметнички перформанси. Во наредниот период се посветува на ликовното творештво и организира самостојни изложби, учествува во ликовни колонии и групни изложби. Од 2014 – 2016, работи во студиото за компјутерска 3Д-анимација “Видео-Хаус” во Скопје. Потоа од 2018 година, во соработка со Центарот за
Современа Уметност – Скопје, ја истражува скулптурата (голем формат, просторно наменската и инсталацијата), по што продолжува да работи како слободен уметник во разни дисциплини од ликовната дејност.

Изложбата ќе биде отворена до 19.09.2023 година.