Нови ископувања на агријанско-пајонскиот град локалитетот Градиште во Младо Нагоричане

Нови ископувања на локалитетот Градиште во Младо Нагоричане каде беше откриена палатата слична на античките македонски центри во Пела, Вергина и Олинт

Археолозите од Национална установа Музеј – Куманово веќе неколку години го истражуваат локалитетот Градиште во Младо Нагоричане. Откриените движни наоди, но пред сè архитектурата, велат ја потврдуваат тесната врска со југот, како и влијанието на македонското кралство во овој регион. Министерството за култура годинава за истражувањата одвои само 150.000 денари.

На повеќеслојното наоѓалиште, на површина од 400 метри квадратни, откриени се голем број столбови и елементи од камена пластика кои, според археолозите, најверојатно припаѓале на луксузна градба, резиденција или палата, датирана од 3 до 4 век пр.н.е која била пронајдена во претходните истражувања. Поради раскошните наоди, археолозите претпоставуваат дека се работи за палата на локален владетел. Според некои истражувачи, можно е тука да било лоцирано дел од племето Агријани, познати како најлојалните и најборбените воини во македонската војска под водство на Александар III Македонски.

Агријаните во архајскиот, во класичниот и во хеленистичкиот период населувале голема територија, која денес ја покриваат подрачјата на Полог, Скопско и Кумановско, Крива Паланка, Косово, Јужна Морава, Софиското Поле и на Ќустендилско.

Локалитетот Градиште, Младо Нагоричане е познат по рекогносцирањата извршени пред околу 30 години, а уште при самото прибирање на површинскиот материјал, увидено е дека станува збор за богата населба лоцирана на левиот брег на Пчиња, која егзистирала во периодот на енеолитетот, железното време, класичниот период која што својот живот ќе го заврши во виорот на келтско-галската инвазија некаде во раниот трети век пред новата ера.

Локалитетот Градиште во Младо Нагоричане започна интензивно да се истражува од 2014-та година од страна на Институтот за историја на уметност и археологија при Филозофскиот факултет, во соработка со археолозите од НУ Музеј Куманово.

Резултатите од досегашните ископувања се од особено значење, затоа што преку добиените сознанија кумановскиот регион се вклучува во цивилизацијата која егзистирала во посочениот период во скопскиот, овчеполскиот и јужноморавскиот регион, а чиј развој се следи преку локалитетите Бразда, Исар – Студеничани, Градиште – Кнежје и Кале- Кршевица.

Со откриените движни наоди, керамика, накит, но пред сè архитектура, се потврдува влијанието и присуството на елементите од македонското кралство по смртта на Александар Трети, велат од НУ Музеј Куманово.

„Имаме среќа сосема на север во регионот на Куманово да најдеме остатоци од такво нешто и да ги смениме досегашните учења на нашата историја за цивилизацискиот развој на овој дел од Балканот. Со овој објект се ставаме во тесна врска со цивилизацијата која се развивала во денешните региони на Гевгелија, Валандово, охридско, а веќе ја нема во територијата на јужна Србија, што зборува дека можеби до тука била таа граница на македонската античка држава“, истакна Дејан Ѓорѓиевски, археолог, раководител на истражување. Кумановскиот музеј ја поседува единствената колекција на јонски капители. Документирани се и внатрешни бедеми, бронзени декорации на вратите, ѕидови слични на оние од некогашните македонски центри, како и делови од канал за одвод за вода.