Капиталниот „развој“ на капиталистичка Македонија

  • Пишува Јулијана Штрковска-Колариќ – Координатор на Левица – Сектор финансии

Македонија навлегува во четвртата деценија од транзицијата и сè уште нема никакви изгледи да излезе од овој магичен круг. Власта промовира одржлива стабилна макроекономска политика, меѓутоа, ценовната нестабилност, неодржливоста на дефицитот и зголемувањето на јавниот долг, ја водат економијата во колапс. Економскиот раст и развој се на долна граница во текот на целиот транзициски период, а „развојната“ компонента во буџетот не овозможува реализација на најнеопходните капиталните проекти. Постојано  слушаме дека следната година ќе се зголемат капиталните инвестиции и државата ќе го зголеми економски раст и развој, преку изградба на патна, железничка, комунална инфраструктура, гасоводи, клиники  училишта, студентски домови и градинки, но освен најава, нема никаква реализација.

Амбициозноста на власта не запира, но само во ветувањата. Премногу оптимистички проектира буџет за наредната година, иако секоја година го руши сопствениот рекорд во делот на висината на вкупните расходи, дефицитот и вкупните внатрешни и надворешни задолжувања. Со ребалансите ги зголемува расходите и ги намалува средствата наменети за капитални проекти. Во делот на планот за инвестиции, проектите се повторуваат со години, нивната реализација во голем дел не е ни започната. 

Проблемот со ниските инвестиции и забавениот и млитав економски раст се должи на тоа што власта нема визија ниту за догледна иднина а не пак на долг рок. Оттука  таа повеќе се занимава со сервилна политика кон странските дипломати, отколку со економија, иако слободно може да се каже дека лошата финансиско-економска состојба делумно е и последица на токму таа евро-атлантска фундаменталистичка позиција на Владата. Понатаму, како причина за незавидната состојба на економијата е секако и тоа што Власта нуди краткорочни решенија, а патем, неказнивоста на клептократијата, какистократијата, корупцијата нè доведоа до оваа катастрофална ситуација. Иако се донесени стратегии и планови за финансирање на забрзан раст, власта со криминалниот начин на владеење не може да ја заздрави економијата и да го зголеми економскиот раст. Развојната компонента преку зголемените средства за капитални расходи во Буџетот на Република Македонија за 2022 година,  ветуваше поместување од мртва точка, но со ребалансот, како и секоја година,  овие средства се скратени, иако вкупните расходи се далеку повисоки, споредени со сите претходно донесени буџети.

Капиталните инвестиции се исклучително ниски во цел транзициски период, а за одржлив економски раст потребни се далеку поголеми вложувања во капитални проекти, како и зголемување на извозот. Овој проблем не може да се затскрие со нестабилната политичка ситуација, ниту со надворешните влијанија на глобално ниво. Ситуацијата е потрагична и со фактот дека стапката на реализација на проектираните капитални расходи се движи од 60 – 80 отсто. Последниве години се забележува трендот на менување на структурата на капиталните расходи. Ако до 2018 година, највисоко беше учеството на другите градежни работи, во кои спаѓа и изградбата и реконструкцијата  на патната инфраструктура, сега е сè повидливо дека најмногу средства се трошат за вложувања и други нефинансиски средства, во кои покрај другото, спаѓаат и студентските кредити и кредитите за јавни и приватни претпријатија. Со отсуство на транспарентност, овие расходи се крајно сомнителни и се поставува прашањето кому му се доделени, кој е ефектот и дали постои мониторинг на потрошените средства.

Државниот ревизор со извршената ревизија за „Задолжување на субјектите од јавниот сектор, степен на искористеност на кредитите и заемите и платени и створени трошоци“ утврди дека постои застој, бавна динамика на реализација на стратешките инфраструктурни проекти, зголемени трошоци за проектите преку повисока цена на чинење на изградбата и зголемени трошоци по заемите, поради што реализацијата на јавните инвестиции кои се финансираат со заеми во целост не се спроведени на ефикасен и економичен начин. Ефектите од јавните инвестиции за остварување на инвестиционите цели се пролонгираат за идни периоди како резултат на продолжување на роковите за реализација на проектите“, заклучува државниот ревизор.

Буџетот е оштетен поради неповлечени средства, раскинување на договори, одложување на реализација и од тие причини, платени се 58 милиони евра за расипничкото однесување на неспособната власт. Дополнително со 8,5 милиони евра е задолжено Министерството за здравство, поради раскинување на договорот за изградба на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Изградбата и реконструкцијата на патната инфраструктура, како и изборот на делниците зависи исклучиво од интересите на власта и затоа често приоритетитите се одредуваат според тој критериум, како и за патот Тетово – Призрен, додека патот Гевгелија-Богданци, не е ни на повидок. Покрај неоправдано давање на приоритети, при изборот на идејните решенија се избираат најскапите.

Надминувањето на економската криза пред сè е можно, само преку реализација на големи инфраструктурни проекти, со што се отвораат и нови работни места. Единствено капиталните инвестиции придонесуваат за забрзано заживување на економијата. Додека средствата за истите не треба да се бараат исклучиво во нови заеми туку потребна е даночна реформа преку која ќе се овозможи товарот да го сносат богатите и имотните а не работниците и сиромашните.