Апасиев со порака од собраниската говорница: Врие Македонец!

Во Собранието на Република Македонија за денес има најавено да се одржат десет седници, односно ќе бидат одржани – 117, 41, 66, 91, 95, 99, 100, 111, 112 и 115 – Седница. Ваквата (не)организација во функционирањето на Собранието главно доаѓа како резултат од две причини:

Првата е неделовничкото работење на Талат Џафери, кој постојано прави правни акробации при толкувањето на деловникот, што доведува до прекин на Седниците, презакажувања и т.н. Втората е недисциплината на пратениците од мнозинството на СДСМ и ДУИ, каде партиите се соочуваат со проблемот да си ги соберат пратениците по ходниците и кафеаните, а и честото непојавување во собраниските простории е пракса, по што Собранието нема кворум за работа и донесување на полноправни одлуки.

Лидерот на Левица – Димитар Апасиев денес на собраниската говорница се појави со пораката „Врие Македонец“, – лозунг што за време на протестите против т.н. француски предлог беше еден од најчесто користените. Оваа порака пратеникот ја испрати во моментот кога СДСМ и ДПМНЕ, пред јавноста ја обзнанија својата широка коалиција и соработка зад затворени врати, за која Левица предупредува со години. Софиската платформа и внесувањето на Бугарите во уставот очигледно помогна маските да паднат и коалицијата да се обзнани.

Вчера, во интервју на поткастот „Тешки муабети“, портпаролот на Левица, повторно потсети на тајните средби на Мицкоски и Ковачевски под посредништво на бугарски служби каде било договарано менување на уставот и широка коалиција и потсети дека партијата веќе две години повикува за прекин на преговорите со Бугарија.