НАТО структурите во државава недопирливи за македонските судови

  • Реакција на Политичката партија Левица

На Пленарната Седница во Собранието на Република Македонија, закажана за утре, пред пратениците за ратификација ќе се најде меѓународен договор за правната положба на националните претставници и меѓународниот персонал на НАТО во Македонија.

Со овој предлог за ратификација, марионетската Влада на западниот империјализам, предводена од ДУИ и СДСМ, има намера „мисионерите“ на НАТО, да ги заштити од било каква одговорност при кршење на законите во Република Македонија, а и ќе се обврзи истите практично да ги чува како „бубрези во лој“.

По ратификацијата на овој договор, лицата, имотот и средствата на НАТО уживаат имунитет од било каква правна постапка во Македонија. Со ова тие стануваат привилегирани по однос на било кој граѓанин во државата, заштитени се од речиси секаква форма на одговорност.

Во случај на злоупотреба на имунитетот и вршење на злодело, државата сѐ што може е да побара е тоа НАТО да утврди дали е направена злоупотреба на привилегиите и имунитетот. Доколку од страна на претставниците на НАТО е направена злоупотреба на привилегиите и имунитетот, за тоа ќе нема никаква одговорност, а „Организацијата“ ќе се „потруди“ да не се повторат ваквите случаеви!

За илустрација, во член 6 од овој Договор стои дека: „Просториите на Организацијата се неповредиви. Нејзиниот имот и средства, без разлика каде се наоѓаат и во чиј посед се, уживаат имунитет од претрес, реквизија, конфискација, експропријација или кое било друго вознемирување.“

Дополнително, во член 9 од истиот документ, се предвидуваат бројни даночни ослободувања:

Ослободувања на „средства, приходи и останат имот на Организацијата“, како и дополнителни ослободувања „од сите царини и количински ограничувања на увоз и извоз во поглед на предмети кои Организацијата ги увезла или извезла за својата службена употреба“?!

Привилегиите кои марионетската Влада е намерена да ги овозможи на една од најзлосторничките воени организации, потсетуваат на оние кои ги имале фашистичките сили кои ја окупираа Македонија за време на Втората светска војна. Само што за разлика од тогаш, денес сето ова ќе биде легално и за истото ќе има регулатива во полза на окупаторите!

Со изгласувањето на овие привилегии, уставно гарантираното право на еднаквост ќе биде сериозно нарушено, македонските граѓани по којзнае кој пат ќе бидат ставени како граѓани од трети ред во сопствената држава, во која непречено ќе владее и прави што сака, надворешниот империјалистички окупатор.