Османи не знаел дека фирма донатор на ДУИ добила тендер, ама знае дека тендерот не може да се поништи

Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека не знаел оти фирмата „Еуровиа“, која го доби тендерот од 1,8 милиони евра за министерската конференција на ОБСЕ во Скопје, е донатор на ДУИ. Османи тврди дека тоа го дознал од медиумите и не му било сеедно, бидејќи знаел каква ќе биде реакцијата во јавноста.

Но и покрај тоа, вели дека нема начин да се избере друга фирма оти според законската постапка треба да се избере најевтината понуда. Не постои ни закон кој предвидува да се врши ветинг на компаниите кои учествуваат во постапките на јавни набавки, па затоа фирмата не била проверувана туку само била оценета нејзината понуда која е најевтина од останатите три понуди.

Фирмата од Желино која го доби тендерот за преадаптација на спортскиот центар „Борис Трајковски“ е во сопственост на Ељмедин Адеми, внук на поранешниот министер од ДУИ, Абдулаќим Адеми. Сопственикот Ељмедин лани на ДУИ како физичко лице донирал 2.509.200 денари (над 40.000 евра), додека правното лице „Еуровиа“ донирало 1.845.000 денари (30.000 евра).