Мицкоски најави задолжување од една милијарда евра

Уште  нестанат мандатар, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој повеќе од веројатно ќе биде идниот премиер, вечерва најави задолжување на државата од една милијарда евра, веднаш по формирањето на новата влада. Во гостување во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 Мицкоски рече дека станува збор за кредит од друга држава под многу поволни околности. Тој најави и неколку инвестиции од кои едната во енергетиката вредна 400-500 милиони евра.

„Можам да најавам еден финансиски пакет, соработка влада со влада, во вредност од една милијарда евра со исклучително поволни услови, со добар грејс период, со исклучително атрактивна каматна стапка“, рече Мицкоски, потврдувајќи дека станува збор за кредит од друга држава, но не откри други детали.

Ваквата најава доаѓа веднаш по убедливата победа на парламентарните и на претседателските избори, но и по период во кој ВМРО-ДПМНЕ жестоко ја напаѓаше владата дека ја презадолжила Македонија. Всушност, задолжувањето на земјата беше еден од клучните аргументи на ВМРО-ДПМНЕ дека биле спроведувани лоши економски политики.