Судир на Левица со олигархиските партии: во одговор на Љупчо Поповски

Го објавуваме во целост одговорот на Лазар Гогов на колумната на Љупчо Поповски која беше објавена на Дојче Веле.


Новинарот Љупчо Поповски се обидува да ја аргументира тезата дека Левица на Апасиев не е левичарска партија и дека ги „лови“ десничарските гласачи на ДПМНЕ. За него, Левица е „таква само според името и некои маргинални постулати“. Што подразбира под „некои маргинални постулати“ не ни кажува, но дека Левица е „таква само според името“ Љупчо Поповски со ништо не докажува, бидејќи единствен начин да го дознаеме тоа е Левица во позиција на власт, а досега знаеме дека ниту СДСМ е левичарска партија – бидејќи поддржува масовна приватизација и дерегулација и владее во коалиција со десничарската ДУИ, и ниту ДПМНЕ е десничарска партија – бидејќи додека е на власт кокетира со широките маси осиромашени граѓани со низа популистички мерки. Поточно е да се рече дека СДСМ и ДПМНЕ се центристички партии кои за да се доберат до владејачките привилегии не бираат со кого ќе коалицираат, макар тоа да се амнестираните балисти од редовите на ДУИ. Левица е единствената политичка партија со левичарска провиниенција, жесток антипод на лицемерниот популизам на СДСМ-ДПМНЕ и екстремниот етнотрибализам на албанските политичките партии кои ја прават десницата во македонскиот парламент.

Што му пречи на Љупчо Поповски што Левица можеби (!) се идентификува само со еден човек – Димитар Апасиев?! Да, можеби, Апасиев е срцето, мозокот и телото на Левица, но тој пред сè е јавно лице во санкилотска Македонија избран од широките плебејски маси да ги штити нивните интереси. „Информации како функционира Левица, кои се нејзините органи, каде ѝ е седиштето, како ги гради своите идеолошки платформи“ добро е Љупчо Поповски пред да ги напишеше овие зборови за објава на Дојче Веле да се консултираше на официјалниот сајт на Левица каде ќе ги најдеше сите одговори. „Партијата, едноставно, како да функционира како група во илегала.“ Ако Левица од јуни 2020 година е веќе парламентарна партија, како може Љупчо Поповски да ја тресне оваа глупост – дека истата „функционира како група во илегала“?! СДСМ-ДПМНЕ-ДУИ што кога се дамнешни, легални, парламентарни партии, но сè што прават е илегално, противуставно и антидемократски. Тоа се олигархиски партии кои функционираат според железниот закон на oлигархијата даден од германскиот социолог Роберт Мајклс во својата книга Политички партии од 1911. Овој железен закон на олигархијата веќе го објаснив во репликата на една колумна од несудениот хирург и неуспешен адвокат на „демократско ВМРО“ Никола Тодоров.

Засега само 37 426 граѓани кои гласаа за младата партија Левица го разбрале она што Роберт Мајклс уште во почетокот на минатиот век се обидувал да го докаже, односно, сите комплексни, масовни организации подлежат на железниот закон на олигархијата.

Катапултот што го исфрла Димитар Апасиев на собраниската говорница не се социјалните мрежи како што тврди Љупчо Поповски, туку тоа се неговите идеи, неговиот политички радикализам, неговиот бескомпромизам, политичка доблест, неговата театрална, мелодраматична елоквенција која е рефлексија на лудата стварност на македонската политика, неговата фикс идеја што трајно го обзема дека мора да се докажува како defensor plebei, неговиот прониклив и воодушевувачки ентузијазам за слава, неговата патриотска пасија, неговиот правнички ерудитизам, неговата љубов кон природата и планините!

„Она што го прави Апасиев различен е што истите тие работи ги кажува на поинаков начин, речиси аполитички…“, тврди Љупчо Поповски. Дали е аполитички тоа што Апасиев ги инструира сограѓаните кога нивните слободи и права се прекршени или скратени од претставниците на власта и опонентите од најголемата опозициска партија? Не знам зошто Љупчо Поповски и Атанас Кировски упорно се обидуваат да и импутираат на Левица радикална десничарска провиниенција. Но, како и да е, на овие сикофанти и лакеи на буржоазијата, им пречи и што Левица е радикална левичарска партија. Тие посакуваат на македонската политичка сцена да постојат само центристички партии во македонскиот етнички блок кои нема да претставуваат никаква закана за постоечкиот капиталистички поредок.

Она што луѓето како Поповски и Кировски никогаш нема да го разберат затоа што се историски неписмени е дека патриотизмот што го застапува Левица влече корени во Француската револуцијата од 1789 година и јакобинците. Прашајте било кој сериозен историчар од Западна Европа и ќе ви одговори дека радикалните патриоти припаѓаат на левицата. Зошто патриотизмот е важен елемент во политичката платформа на Левица? Како што капиталистичките економски односи стануваат сè повеќе глобализирани (преку растечката улога на мултинационалните корпорации и создавањето на меѓународни прото-држави како Европска Унија), значајноста на националната сувереност за Левица станува сè повеќе класно прашање. Според левиот патриотизам на оваа партија, најзначајното право што ѝ останува на една нација е правото да одлучи дали ќе биде капиталистичка или социјалистичка. Тачер го разбра тоа, викајќи дека не се бори против „социјалистичкиот вирус“ на британското тло за тој повторно да се појави под заштита на Европската комисија. Иронично, ова е истото национално право кое народот на Никарагва го бранеше во повеќегодишна крвава војна против Контрашите. Дури и малите нации можат да се ослободат од капитализмот и да воспостават социјалистичка економија ако политичката ситуација е поволна и земјата може да ги брани своите граници. Но, ако една мала социјалистичка земја следи политика на изолираност според албанскиот модел, нејзиниот економски развој ќе стагнира.

Парадоксално, најдобриот начин за една нова социјалистичка држава да ја одбрани својата одлука за изградба на социјализам е да влезе во политички сојуз со други социјалистички држави. Во оној момент кога Левица ќе стапи во официјална коалиција со некоја мејнстрим партија таа ќе постане уште една пајтон партија налик НСДП која ротира околу поголема мејнстрим партија од чија олигархиска орбита ќе може да се оддели само со сопствено распаѓање. А ако Левица продолжи да опстојува самостојно против сите олигархиски партии ќе дојде момент кога таа толку ќе стане моќна што ќе ги принуди двете најголеми мејнстрим партии СДСМ и ДПМНЕ да формираат владина коалиција заради спас на самиот капиталистички систем нешто многу слично на ситуацијата во германскиот Бундестаг. Може да се забележи дека раководството на Левица прави тактички грешки сакајќи колку може да ја промовира партијата во мас-медиумите како да заборава дека тие пред сè се профитерски друштва во служба на олигархијата и тоа многу брзо се увиде откако Апасиев гостуваше на Инфомакс кога Александар Митовски таа џукела грувистичка безобразно го обвини Апасиев дека со филибастерингот за Законот за лични карти му купува време на Заев т.е. дека работи во негова служба. Зарем Апасиев толку лесно заборави дека овој медиум беше озлогласен како машинерија на најцрна пропаганда против шарените револуционери во чии редови и тој самиот се бореше против автократот?Љупчо Поповски го цитира Блаже Аризанов кој вели дека „Кампањските пораки на Левица се апсурдни. Сѐ што ветува оваа партија е земање. Земање од овој, земање од оној.“ Но, Аризанов можеби е добар бизнисмен но многу слаб политички за да проникне во пораката на Левица а тоа е дека оваа партија се бори против експропријацијата на широките народни маси од страна на шака узурпатори, озлогласената транзициска олигархија, и оттука нејзината кампањска порака е сосема логична што ветува од позиција на власт дека ќе изврши експропријација на овие неколку олигарси кои тежат милијарди – со помош широките народни маси како гласачко оружје вперено против узурпаторите.

Затоа, сикофантите Поповски и Кировски ја мразат демократијата, посакуваат конформизам на македонската политичка сцена спрема капиталистичкиот систем и од најголемата длабочина на нивното труло срце ја презираат Левица која претставува вистинска закана не за распарчување на ДПМНЕ, туку на самиот олигархиски систем!Само еден аргумент е доволен да се сруши тезата на Аризанов дека Левица сè што ветува е земање од овој или од оној. Богаташите иако мултимилионери порадо би земале под наем луксузна вила за живеење отколку да ја купат затоа што доколку ја купат тоа би биле мртви пари, многу расходи за вработување голем персонал за одржување и плати за овие работници. Јасно е како ден дека овие луксузни вили припаѓаат на оние кои ги одржуваат – работничката класа. Доколку прекаријатот би имал малку подостоинствени извори на приход богаташите никогаш не би можеле да си приуштат раскошни дворци и дури во тој случај се размислуваат дека подобра опција за нив би била да изнајмат недвижнини отколку да ги купат. Левица сè што ветува е враќање од овој узурпатор кон онаа класа која ги одржува овие имоти.„Како класичен опортунист, а не вистински политичар, тој можеше да го почувствува мекото ткиво на неговите „постари опозициски браќа“ и таму ја виде можноста да се пробие.“ (Љупчо Поповски)

Не знам што подразбира Поповски под поимот „вистински политичар“ освен политичари кои честопати се и бизнисмени (Заев, Јанчев, Мицковски), богати луѓе кои се занимаваат со политика како хоби (Фијат Цановски, Камчев), политичари кои, по нивниот успех, можат да бидат вработени во управните одбори на компании (Гордана Јанкуловска). Ако Апасиев се нарекува „класичен опортунист“ што го пробива овој олигархиски систем отворајќи ги очите на народот за сите негови несреќи што произлегуваат од системот тогаш би требало овој епитет да го прими како комплимент. Според Поповски, Левица „ќе почне да откинува толку многу гласови што победата на ВМРО-ДПМНЕ на неколкуте наредни избори ќе биде речиси невозможна.“ Вистинскиот проблем не е што победата на ДПМНЕ би била невозможна, туку дали олигархискиот систем може да биде срушен самостојно од Левица, имајќи ја предвид ситуацијата во Бундестагот кога тамошните социјалдемократи и помогнаа на Меркел да формира влада. Не е воопшто за чудење ако и домашните олигархиски партии ги здружат силите заради спас на системот од заканата наречена Левица, и формираат за таа цел влада.