И Торбешите бараат место во преамбулата на македонскиот Устав

Торбешите во Македонија бараат да бидат дел од Уставот, со внесувањето на бугарската, хрватската и еврејската заедница. Ова денеска го истакна поранешниот пратеник и член на здружението „Торбешки мост“, Рејхан Дурмиши.

„Ние како торбешко здружение имаме и официјално поднесено барање до Владата и сите други релевантни фактори за вметнување на Торбешите на Преамбулата и ги поддржуваме сите намери на сите добронамерни луѓе. Го поддржуваме процесот за промена на Уставот со проширување на Преамбулата и внесување на други етнички заедници. За да оди Македонија напред во ЕУ, мора да има политички консензус по ова прашање и сметаме дека е добро да се случат, но притоа да не наштетат на никој. Најпрвин македонскиот народ да си го заштити идентитетот и јазикот, но да се прошири Преамбулата со другите заедници кои не се дел од Уставот, кажа Дурмиши во емисијата „Студио 10“.

Според Дурмиши, по сите параметри и критериуми, Торбешите се првите што би требало да влезат во Устав. Во најавените уставни измени тој гледа шанса која сите останати заедници можат да ја искористат, за да станат дел од преамбулата на македонскиот Устав.

„Торбешката етничка заедница е трета по бројност во Македонија, но од разни причини низ времето, бројката се намалувала, што се покажа на последниот попис. Сега е можноста и шансата и за сите други што не се ставени и да се заокружи целата Преамбула“, кажа Дурмиши.