Утре отворен ден на археолошкиот локалитет Вардарски Рид

Утре, среда во периодот од 11:00 до 13:00 часот во рамки на проектот „Еуропос- Палатино – Стоби, Европското минато и иднина културни вредности“ ќе биде  отворен ден на  археолошкиот локалитет Вардарски рид, каде ќе може да проследите:

работилница за изработка на комерцијални копии, музички концерт, прошетка по локалитетот и јавна дискусија. 

Проектот е реализиран од НУ Музеј  Гевгелија во соработка со CISS Cooperazione, Regional Development Found of Central Macedonia – Region of Central Macedonia и Ephorate of Antiqes of Kilkis и НУ Стоби.

 Вардарски Рид  е археолошко наоѓалиште во средишниот дел на Долното Повардарие или Амфакситида, како што се нарекувал овој регион во антиката.

До доцниот V век пр. н.е., областа Амфакситида претставувала одделно кнежевство во коешто античките Македонци се издвоиле како посебен етнос. Оваа долномакедонска област ја сочинувале повеќе градови, меѓу кои се издвојуваат Идоменае, Гортинија и Аталанта. Според архитектурата, урбанизмот, културата и уметноста, тие претставувале економски мошне развиени градови.

Еден од овие градови, за кој повеќето археолози тврдат дека е градот Гортинија, се наоѓа на локалитетот Вардарски Рид.

На Вардарски Рид  континуирано се живеело во текот на повеќе од 1000 години, од крајот на бронзеното време (XIII век пред н.е.) до доаѓањето на Римјаните (II-I  век пред н.е.). Низ шест последователни населби, почнувајќи од мала праисториска  населба на Ридот 1, во текот на V и IV век пред н.е. израснал старомакедонскиот град – античка Гортинија, град посведочен во историските извори како еден од центрите на Античка Македонија. По прекин на населбата повеќе од 1000 години, во полниот среден век (ХI-ХIII век н.е.), секторот некропола повторно се користел за погребување на населението од Вардарски Рид. Откриените наоди на шестте од истражуваните сектори претставуваат остатоци од старомакедонскиот град кој постоел (V-I век пред н.е.), а во секторот ’’Некропола’’ се погребувања од најстарата – иницијална населба од крајот на бронзеното доба (XIII век пред н.е.) и од најмладиот средновековен хоризонт.