Европската унија го подготви 10-тиот пакет санкции за Русија кои ќе важат и за Иран

Претставниците на 27-те земји од Европската унија денеска ќе разговараат за новиот пакет санкции против Русија, за кои е најавено дека би можело да чини 11 милијарди евра.

Како што пренесува Ројтерс, можно е договорот да биде постигнат до годишнината од почетокот на конфликтот во Украина на 24 февруари.

„Ја слабееме способноста на Русија да ја одржува својата воена машина. Усвоивме девет пакети санкции, руската економија се намалува“, смета претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Предлагаме забрана за извоз на 47 електронски компоненти кои се користат за беспилотни летала, ракети и хеликоптери и термални камери. Ќе направиме се за да се осигураме дека овие производи не можат да се најдат на друго место. За првпат воведуваме санкции против субјекти од трети земји, како Иранска револуционерна гарда. Тоа се санкции против седум ирански субјекти за да не можат да ја снабдуваат Русија“, нагласи таа.

„Има и стотици беспилотни летала од иранско производство кои Русија ги користи на бојното поле во Украина. Овие ирански беспилотни летала убиваат украински цивили, така што за прв пат предлагаме и санкции против иранските економски оператори“, рече Фон дер Лајен.

Како што објасни таа, целта е да се убедат другите компании или меѓународни трговци да не прават бизнис со Москва.

Лејен, исто така, предложи да се создаде список на руски пропагандисти, бидејќи, како што рече, „Путин има армија пропагандисти со мрежи за дезинформација кои шират токсични вести за да ги поларизираат земјите од ЕУ“.

Сега ги имаме најсилните санкции досега и ќе направиме се за да се осигураме дека тие строго се применуваат. Воведуваме мерки за да се избегне заобиколување на санкциите. Тоа е мојата четврта точка. Ќе ги следиме олигарсите кои го кријат или продаваат својот имот за да избегнеме санкции заедно со земјите-членки „Ќе направиме преглед на сите замрзнати средства на руската централна банка кои се во ЕУ. Ова е клучно за да се искористат овие средства за обнова на Украина“, подвлече таа.

Европската комисија предложи земјите од ЕУ да исфрлат уште четири руски банки – приватната Алфа банка, онлајн банката Тинкоф и комерцијалната заемодавач Росбанк – од глобалниот систем за пораки SWIFT, објави Ројтерс, цитирајќи два дипломатски извори од ЕУ кои зборуваа под услов да останат анонимни.

Се очекува гумата и асфалтот да бидат додадени на списокот на ЕУ за забранет увоз од Русија, а блокот исто така ќе ја забрани арапската услуга на RT на нејзина територија, објави Ројтерс, цитирајќи извори запознаени со доверливите разговори.

Понатамошните забрани за извозот од ЕУ во Русија имаат за цел да ја задушат способноста на Москва да произведува оружје и опрема распоредена против Украина. Изворите велат дека забраните ќе ги опфатат електронските кола и компоненти, камерите за термална слика, радиото и оклопните возила, како и челикот и алуминиумот што се користат во градежништвото, и машините што се користат за индустриски и градежни цели.

Земјите на ЕУ, исто така, размислуваат за дополнителни обврски околу подобро следење на руските средства во Европа, додека бараат начини да ги замрзнат и да ги искористат за обновата на Украина.