Колку Максо ќе им наплати на Кумановци за шестмесечниот „бесплатен” јавен превоз?

Целокупниот досегашен мандат на квази-патриотот Максим Димитриевски – Максо се состои само од реализација на краткорочни проекти и летни хит кампањи, во кои не може да се забележи ниту една најмала нијанса на грижа за Кумановци и нивната иднина во Куманово. Доказ за тоа се поразителните податоци од Државниот завод за статистика, според кои се повеќе Кумановци се иселуваат во странство, а училиштата во Куманово се повеќе и повеќе се празнат.

Деновиве во јавноста излезе информација дека паркингот пред градскиот базен ќе влезе во „Б зона”, со што за користење на истиот Кумановци ќе мора да плаќаат 20 денари од час. Оправдувањето за оваа мерка е едно искористено клише, кое само го злоупотребува полтронистички поставениот директор на ЈП „Куманово паркинг”: заради намалување на сообраќајниот хаос и зголемување на бројот на паркинг места.

Најпрвин, за решавање на сообраќајниот хаос е потребно вклучување на МВР и секторот за безбедност во сообраќајот. За жал, Куманово стана полигон за беснеење на агресивни возачи. Се поголем е бројот на загинати пешаци, кои недолжни ги губат своите животи, заради опасните дејствија од страна на несовесни возачи. Тоа е проблем кој треба да го реши МВР на Спасовски, а не ЈП „Паркинг Куманово”.

Второ, со воведување на “Б зона” кај градскиот базен, нема да се зголеми бројот на паркинг места – ова е лага која ја пласира Максо. Бројот на паркинг места ќе биде ист. Единствено нешто што ќе се смени е финансиското салдо на сметките на Кумановци. Она што ќе се смени е тоа што за паркинг место ќе мора Кумановци да платат 20 денари од час. Потребна е изградба на соодветна сообраќајна инфраструктура, како и просторно решавање на сите сообраќајни проблеми, а не наплата на веќе постоечкиот оскуден број на паркинг места.

Зошто паркингот кај градскиот базен мора да остане бесплатен за Кумановци? Бидејќи во непосредна близина се наоѓа градската спортска сала, градскиот кеј, како и комплекс од тениски и кошаркарски игралишта. Со донесувањето на оваа одлука ќе се намали бројот на Кумановци кои ќе практикуваат здрав начин на живот, кои ќе ги посетуваат спортските комплекси, како и градскиот кеј. Посетувањето на овие места ќе стане луксуз. Со ваквата одлука во голема мера се ограничува пристапот на Кумановци до користење на овие добра кои би требало да бидат јавно и недвосмислено достапни за сите.

Се врши и етничка дискриминација. Во деловите на Куманово каде што претежно се населени припадници на албанското малцинство, паркинг услугите не се наплаќаат и никој од припадниците на ЈП „Паркинг Куманово” и МВР нема храброст ваквата појава да ја санкционира. Селективното воведување, а понатаму и селективното спроведување на законите на сметка на македонското население, ги разгорува тензиите помеѓу етничките заедници. За да почнеме да градиме соживот, првенствено мора да бидеме граѓански третирани, а не како припадници на една или друга етничка заедница, а тоа подразбира и да сме еднакви пред законот.

И за крај – беше очигледно дека Максо „дебело“ ќе го наплати шестмесечниот „бесплатен” јавен превоз, кој имаше за цел на Максо да му донесе политички поени Доколку Максо навистина сака Кумановци да користат бесплатен јавен превоз, тогаш оваа мерка треба да важи до крајот на неговиот мандат. Сосема е јасно дека тенденцијата на Максо не е да се грижи за Кумановци, туку само и единствено за политички поени. Со воведувањето на „Б паркинг зона”, Максо не само што ќе ги врати средствата кои ќе ги загуби за овие шест месеци, туку и десеткратно истите ќе ги наплати.