После земјотресот, Ерменија и нуди мир на Турција

Ерменија е подготвена да го врати мирот во регионот и целосно да ги нормализира односите со Турција, изјави во Анкара нејзиниот министер за надворешни работи Арарат Мирзојан. Двајцата соседи се мачат да ги дефинираат своите односи откако Ерменија прогласи независност во 1990-тите.

„Во овој тежок момент за Турција, би сакал да ја повторам нашата подготвеност да го вратиме мирот во регионот, како и целосно да ги нормализираме односите со Турција со цел воспоставување дипломатски односи“, рече Мирзојан по средбата со неговиот турски колега Мевлут Чавушоглу .

Откако Турција ја призна независноста на Ерменија од Советскиот Сојуз во 1991 година, двата соседа никогаш не воспоставија дипломатски односи. Главна причина за расправија беше несогласувањето за карактеризирање на масовното убиство на етничките Ерменци од страна на Отоманската империја, при што турската република го отфрли ерменското тврдење дека тоа е геноцид.

Анкара ја затвори границата со Ерменија во 1993 година, во знак на солидарност со Азербејџан во конфликтот околу Нагорно-Карабах. Успешната офанзива на Азербејџан против регионот со мнозинско ерменско население во 2020 година имаше турска воена поддршка.

Обидот од 2009 година за воспоставување дипломатски односи резултираше со протоколи за нормализација, но турскиот и ерменскиот законодавен дом никогаш не ги ратификуваа. Со посредство на Москва, двете земји повторно ги отворија разговорите за нормализација во декември 2021 година.