САД со нови санкции за кинеските службеници

Официјален Вашингтон во понеделникот ги продолжи постојните забрани за патување на кинеските службеници под изговор дека Пекинг ги репресира етничките и верските малцинства.

Стејт департментот соопшти дека им забранува на одредени кинески функционери да патуваат во САД поради нивната вмешаност во сузбивање на слободата на говорот и религијата во Кина и други држави. Во соопштението не е прецизирано кои службеници ќе бидат предмет на проширената забрана.

„Санкциите се применуваат на кинеските службеници за кои се верува дека се одговорни или соучесници во политики или дејствија насочени кон репресија на верските и духовните практичари, членовите на етничките малцински групи, дисидентите, бранителите на човековите права и новинари, организатори на трудот, организатори на граѓанското општество и мирни демонстранти во Кина и пошироко“. – Изјави државниот секретар Ентони Блинкен.

Овој потег практично е продолжение на визните ограничувања првично наметнати од администрацијата на Трамп.

Потегот на Вашингтон доаѓа по неуспешните преговори и предупредувањето до кинеските власти од американскиот претседател Џо Бајден за блиските врски на официјален Пекинг со Москва. Официјалните лица на САД вршат притисок врз Кина да се приклучи на руските санкции поради воената акција во Украина, но ова беше категорично одбиено од страна на НР Кина.

Официјален Пекинг претходно наведе дека САД, НАТО и ЕУ се главни виновници за конфликтот во Украина, а исто така нагласи дека Западот има најмалку право да повика на воена акција, по бомбардирањето на Сојузна Република Југославија во 1999 година, кога патем беше погодена и амбасадата на НР Кина во Белград.