Левица до „Кромберг и Шуберт”: Немаме намера да се извинуваме

Во продолжение е реакцијата на политичката партија Левица во однос на Барањето за извинување и јавно повлекување изјава, поднесено од адвокатскиот тим на странската компанија „Кромберг и Шуберт”.


Пред се’, мораме да потенцираме дека вашето Барање не само што е погрешно адресирано, туку е и неосновано во неговата срж.

Имено, бидејќи очигледно не сте информирани (а вашиот овластен адвокат уште помалку), сакаме да ви разјасниме дека нашите реакции и соопштенија до јавноста не се „мислења и изјави“, а најмалку пак „лични изјави“ на претседателот. Нашата партија има тим за односи со јавноста, односно неколку членови кои врз основа на доверливи извори, документи и проверени факти изготвуваат реакции и соопштенија до јавноста, коишто се одобрени од нашиот извршен орган Президиум, како главно политичко-егзекутивно тело, кое функционира како колективно претседателство. Секако дека во реакциите се вклучени и ставовите на Партијата, но тоа никогаш не се празни обвинувања и неосновани обраќања.

Не само што немаме намера да се извинуваме, туку цврсто стоиме зад реакцијата објавена на нашиот веб сајт испратена до медиумите насловена како „Недозволива е изјавата на Царовска дека нема масовни отпуштања додека работници остануваат на улица. Нашиот цврст став и реакција впрочем извира од самите работници, кои секојдневно со факти и документи (конкретно за вашата фирма поседуваме докази – документи и изјави од работници) ни’ сведочат за тоа што се случува во вашата и многу други фабрики во моментов. Нам како работничка партија ни’ е морална одговорност и должност да реагираме за ваквото бескрупулозно кршење на работничките права.

Во вашето Барање не’ обвинувате за лажни вести и предизвикување на страв и паника помеѓу вашите вработени и нивните семејства. Ова доколку не беше тажно ќе беше смешно, бидејќи стравот и паниката ги предизвикувате токму вие како работодавач, со тоа што во последните неколку месеци им склучувавте договори на дело во траење од еден, два или три месеци, а после еден месец додека тие очекуваа да им биде продолжен договорот вие ги оставивте на улица; со тоа што им ја зголемувавте нормата на работниците и им се заканувате со парични казни 15% од плата, така што не можат ни да постасат па ги принудувавте сами да си дадат отказ; со тоа што неочекувано ги бркавте во сред работен ден велејќи им „такси ве чека надвор“. Доколку овие информации не се точни, јавно ве повикуваме да објавите колку откази (еднострани и „спогодбени“) се доделени во последните два месеци, која е причината за истите и колку договори се склучени на еден, два или три месеци!

Околу придавките со кои е ословувана вашата фирма, како „концентрационен логор“, ова не е измислено од ниту еден член на Партијата, а најмалку од Претседателот Димитар Апасиев. Таа придавка доаѓа токму од еден од вашите поранешни вработени преку анонимно писмо кое пред две години стигна до нас, што е доказ како работниците ја доживуваат фабриката која ја менаџирате.

За крај, Левица не е новинска куќа па да ни’ предложувате да ви се обраќаме за информација или да ве посетиме, впрочем информациите добиени од работниците се далеку поверодостојни, отколку од било кој надреден. Левица е политичка партија, која работи не само во теорија, туку и во пракса за правата на работниците, кои во ваквата ситуација кога вие бизнисмените бескруполозно ги оставате на улица само да си го спасите капиталот и профитот, притоа заборавајќи дека без трудот на работникот немате ништо, уплашени за својата егзистенција ни’ се обраќаат нам барајќи помош, затоа што нема друга партија која пред се’ го става трудот на работникот. Јасно е како бел ден дека ниту СДСМ ниту ДПМНЕ нема да кренат глас против вас, затоа што сте на иста страна, си го штитите капиталот, притоа немајќи ни грам свест дека човекот и трудот на работникот се најголемата вредност во општеството.