Захарова: Доколку повторно протераат дипломат, САД ќе добијат брз и пропорционален одговор
Во изминатите години од страна на Вашингтон, протеран е голем број на руски дипломати, чиј имот е конфискуван и со ова „де факто“ е нарушена Конвенција за дипломатски односи од 1961 година. По овој повод, портпаролот на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, одржа прес-конференција.
Таа нагласи дека од руска страна е покажана воздржаност која трае предолго и предупреди дека ова може да има штетни последици. Како што вели портпаролот „на секое трпение порано или подоцна му доаѓа крајот“.
„Многупати до сега зборувавме за штетата нанесена врз руските дипломатски претставништва со затворањето на генералните конзулати во Сан Франциско и Сиетл. Од крајот на 2016 година, над стотина наши вработени и членовите на нивните семејства се избркани под различни изговори, вклучително и со формулацијата ‘персона нон грата’. (…) Тие поставиле полициски кордони и оттогаш не дозволуваат руски дипломати да се вратат таму. Нашите барања за враќање или барем дозвола за преглед на зградите и парцелите од американскиот Стејт департмент редовно се одбивани, без објаснување, со формални одговори.“
Од руското МНР сметаат дека зад лукавите уверувања на американските претставници не постои посветеност за нормализирање на условите за функционирање на амбасадите и конзуларните претставништва на двете земји. Иако во јавноста се пласираат информации за постоење на желба овие проблеми да се надминат, според нив Вашингтон засега нема подготвеност да преговара на еднаква основа.
Захарова укажа дека никој не ги попречува САД целосно да ја пополнат дипломатската квота од 455 лица, персонал, вклучувајќи ги и бараните конзули. Доколку се споредат амбасадите и конзуларните канцеларии, на Русија и САД сликата е сосема поинаква. САД имаат вработено околу 130 луѓе во Русија, додека руската мисија во Вашингтон и конзулатите во Њујорк и Хјустон заедно имаат помалку од 200 вработени. Ако се земат во предвид барањата изнесени од Вашингтон дека уште 55 руски дипломати, административни и технички работници треба да заминат од САД во наредните месеци (што во суштина значи протерување), ситуацијата на дипломатскиот „фронт“ само ќе се влошува.
Уште еднаш повикуваме да се запре процесот на ескалација и да се започне со суштински, искрен и взаемен дијалог, за сите чуствителни прашања во билатералните односи. Вашингтон добро го знае нашиот став и предлог за целосно поништување на ограничувањата наметнати во последните години. – Рече Захарова.
Министерството за надворешни работи на Руската Федерација, најави дека ако продолжи ваквиот курс на билатерални односи, истиот ќе биде проследен со брз, пропорционален, веројатно и симетричен одговор.