Можноста за масовно прислушување останува и со новите закони

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on Google+Share on LinkedInEmail this to someone

Има (барем) четири поенти што треба да се направат во врска со реформите за следењето на електронските комуникации.

Прво, дека формирањето на Оперативно техничка агенција (преку Предлог-законот за оперативно техничка агенција) не е спектакуларна реформа како што претставниците на Владата сакаат да ја прикажат и да нѐ уверат. Кога Рајнхард Прибе во неговиот веќе легандарен извештај од 2015 година (на стр. 8) вели дека УБК не треба да има директен пристап до техничката опрема за следење, тој всушност вели дека не доликува во модерна демократска република од 21 век тајната полиција да има пристап до овие уреди, бидејќи тоа потсетува на некое друго време, можеби од 20-тиот век, Студената војна, и пропратниот декор. Во реалноста на Македонија одлуката УБК да има пристап до следењето на електронските комуникации за потребите на кривичната постапка е донесена некаде на ниво на влада или министерство. Ниту тековниот Закон за следење на комуникациите, ни тековниот Закон за електронските комуникации не пропишуваат дека тоа треба да биде УБК. Малку поинаку организирано Министерство за внатрешни работи би можело да има, да речеме, Оперативно техничка дирекција (наместо нова Оперативно техничка агенција) која ќе работи независно и стручно и УБК ќе нема директен пристап до опремата. Поради ова, Предлог-законот за оперативно техничка агенција не носи некакви посебни новости, освен конечното признание на македонската влада дека, навистина, тајната полиција не би требало да се занимава со сторителите на кривичните дела онака како што ги дефинира законот, туку тоа би требало конечно да му припадне на некој друг помалку брутален државен орган.

Второ, дека во предложените реформи владата го игнорира останатиот и многу поважен дел од препораката на Прибе (т.е. втората реченица од истиот параграф каде се наоѓа погоре споменатата препорака против УБК): дека свичовите треба да бидат во просториите на операторите, а потоа операторите да бидат тие што ќе го пренасочат сигналот до соодветниот државен орган. Дека владата го игнорира овој дел од препораката може да се види во членот 60 од Предлог-законот за следење на комуникациите, којшто по содржина е сличен на членот 175 од тековниот Закон за електронските комуникации за којшто Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста по долг период на чување на иницијативата во фиока, а владата предложи да не се укине, којшто пак е сличен со членот 115 од стариот Закон за електронските комуникации за којшто Уставниот суд донесе одлука за поништување во далечната 2010 година. Ако Уставниот суд држи до себе, тој би требало да ги поништи и член 175 од тековниот Закон за електронските комуникации и членот 60 од идниот (ако остане ваков) Закон за следење на комуникациите. Вакви одлуки од Уставниот суд не би биле посебно радикални бидејќи една таква е веќе донесена и патем во голема мера е поткрепена со пресуди од Европскиот суд за човекови права. Во меѓувреме, можеме да заклучиме дека владата нема намера да се откаже од тоа некој нејзин орган (во случајот Оперативно техничката агенција) да има директен пристап до електронските комуникации на граѓаните (во членот 3 од Предлог-законот за оперативно техничка агенција стои дека таа е таа што активира следење на комуникации). Дополнително овде треба да се укаже и на тоа што Владата планира клучните детали во врска со начинот на вршење на работите за следење на комуникации да ги решава со подзаконски акт кој по природата на нештата е изложен на многу помалку проверка и контрола, а особено не од Собранието.

Трето, дека реформите воопшто не се занимаваат со прашањето на задолжителното задржување на податоците од страна на операторите, моментално пропишано во членот 176 од Законот за електронските комуникации, т.е. членот 176 останува таков каков што е таму каде што е. Овој член е домашна примена на директива на ЕУ којашто во меѓувреме беше доведена во прашање од Судот на правдата на ЕУ. И иако овој суд (за разлика од Европскиот суд за човекови права) нема надлежност во Македонија, сепак не би било премногу да се очекува една реформски ориентирана влада која ита да ја внесе Македонија во ЕУ да ги земе како насоки пресудите на овој суд коишто велат дека државите не можат да наметнат генерална обврска на провајдерите на електронски телекомуникациски услуги да ги задржуваат податоците на корисниците.

Четврто, дека предложените нови, исто како и тековните важечки закони кои се занимаваат со прашањата за електронски комуникации се прават глуви и слепи за технологиите со кои располага Министерството за внатрешни работи, а за кои не е потребна правна или техничка соработка со телекомуникациските оператори. Овие технологии ја напаѓаат мобилната или интернет мрежа и овозможуваат директен пристап до уредите и содржината на корисниците. Молчењето на домашните власти вреди малку кога овие технологии странците ги најдоа во Македонија и на техничко ниво (во истражувањето на CitizenLab од 2013 година), и на купопродажно ниво (во истражувањето на ComputerWeekly објавено пред неколку дена). Чудно е за една реформски ориентирана влада, којашто се залага за заштита на човековите права, да не предложи мерки и проверки за овие технологии во реформите на законите за следење на електронските комуникации.

Во заклучок, предложените реформи на следењето на електронските комуникации не се она што надевавме, или да цитирам пријател – не беше баш реално да очекуваме дека во ова доба некој ќе се претргне да размонтира ефективен систем за масовно прислушување. Сигурно има и други поенти кои треба да се направат во врска со предложените законски измени – но последна овде и веројатно со пристојна доза на иронија е тоа дека, со оглед на потребното 2/3 мнозинство во Собранието за некои од овие закони, без разлика дали ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ќе соработуваат или не, со вакви предлози можноста за масовно прислушување останува или со новите или со старите закони.

текстот е преземен од Радио Слободна Европа