Двојните аршини на западните пропагандисти

Имам дилема за тоа дали е паметно да се коментираат ваквите личности како Џабир, чиј углед во јавноста е како на прасечкото месо во Техеран, но сепак, после ова веќе се јавува насушна потреба од користење метод на „слоевито превртување и размешување (буричкање) на арското ѓубре“, поради причината што, доколку тоа не се прочепка, може да остане на буниште и да не ја исполни својата задача како адитив за подобрување на својствата на почвата. Па оттука, се наметнува и потребата да се разбуричка ваквата, историски слоевито набиена, реалност чија екстраполација во нашето секојдневие шири влијание, без да се осети нејзината „смрдеа“ која ја прикрива под кората, односно слојот кој оксидирал на површината.

Реџеп Исмаил (Хактан)
Президиум на Левица

Џабир не само што шиканира по сите кои не мислат како што тој сака да ги натера да мислат, туку тој повикува и на целосно потиснување и насилно оттргнување од јавноста на сите кај кои не поминува глумата на власта и жуборењето на нејзините пипци, вгнездени преку невладините организации и поткупени и уценети медиуми и интелигенција околу власта. Смешно е што оваа власт повеќе и не глуми, отворено краде, поттикнува криминал, учествува во криминални дејствија, апла спроведува анти-државни и анти-македонски политики, отворено соработува со странски агенти кои застапуваат вакви меѓународни позиции во однос на Македонија, но сирот Џабир, како да ја земал улогата на поголем ПР на Власта од самиот вработен ПР во Владата, па сега дели совети за опасноста која демнее по Владата од страна на опозицијата?!

Џабир, при неговите вакви, веќе многу чести обиди, секогаш се повикува на еуфемизми како Човекови права, Демократија, слобода, правично владеење, и секако, фамозното и најјако од соживотот – меѓуетнички односи. Па, како што е редот нели, секогаш само едните се криви за нарушување на меѓуетничките односи; нормално, секогаш во соработка со антизападните сили, Русија и Кина.

Џабир златен, морам да ти се обратам лично. Прво, да те прашам со кој закон или било каков друг правосилен акт е забрането да си анти-западен, или пак да си про-Русија, про-Кина, про-Србија, про-Иран, про-Куба, про-Турција?!?!? Зошто е тоа дејание за кое власта треба да не’ гони!? Не дека сега не не’ гони, ама тоа не го прави отворено, Џабир, буквално бара во Собрание да се донесе закон да секој кој ќе изусти или посомнева во НАТО и ЕУ да се прати на робија, да му се загрози животот, да не се прима на работа, да му се скини пристапот до здравство, школство, да не ги користи воопшто институциите на државата, тој да биде отуѓен од нив!

Ај вака прво да разјасниме за демократијата, правичноста, слободата, па после за меѓуетничките односи и праведноста, односно достоинството во нивното гаење.

Дали Џабир намерно заборава дека на македонскиот народ му беше нанесена етничка неправда со Преспанскиот договор. Сето тоа беше направено НЕЛЕГАЛНО, односно, за да не ја тупиме, накратко, РЕФЕРЕНДУМОТ, и покрај сите манипулации, беше Н Е У С П Е Ш Е Н! За каква демократија и владеење на правото зборуваш ти Џабире, зарем сега сите што ќе ти го плукнат овој факт, оваа гола и непобитна вистина, сите ли ќе бараш државата да ги гони за фашизам? Па, фашизам се спроведува од позиција на власт, а власта која те бодри, односно ти ја бодриш таа игра, спроведе класични фашистички политички одлуки – му се негира идентитетот на еден народ, и тоа од земја која претходно има направено етничко чистење на тој народ!

Дај малку излези од тоа „руџек на фактура“ кругот, мислиш ли дека надвор од тој круг, каде безимотни деца кои ги плаќаш во организацијата, некој те зема за сериозно?! Јас те уверувам дека дури ни тие не те земаат за сериозно бре Џабире, сигурно им е сосема јасно дека си про-западен и про-владин пропагатор ради лукративен интерес. И сега, како да тоа не ти е доволно па уште стануваш омразен, ама изгледа не си свесен за тоа?! Полека не се сили, оти утре и Заев и САД ќе соберат парталите ќе си заминат, а ти, навлекувајќи ја омразата која они ја создале, ќе останеш ачик среде бесни ѕверови кои претходно, додека биле врзани и мали, си ги малтретирал со дренова прачка!

А за нарушувањето на меѓуетничките односи, тоа еснафи треба да кажат. Ама мене воопшто не ми изгледа искрено градењето на тие односи кога комшијата на крадецот кој дошол да пљачка во мојот дом, наместо да го сопре тој му помага, посочувајќи му каде има дупка за да полесно влезе внатре, па дури и заедно краде со него. Е, со твоето агитирање за Преспанскиот договор и промена на името, токму тоа се случи. Ти Џабире, соживотот го наруши, не само што гласа за промена на името, туку и агресивно агитираше за истото. А таквата промена не беше ради колективни права на Албанците, не, тоа беше на штета на твојот сосед Македонец кој некој трет од надвор Грк или Бугар, дошол и му наметнал да си го промени своето име, и ти на тој трет (крадецот) не само што не си го спречил, туку си му помогнал! И ова е трајно нарушување на меѓуетничките односи од кое мислам дека тешко ќе може да се надмине, напротив, со ваквите активности на организациите како твојата, тоа нарушување секој ден се продлабочува, а омразата се собира!

Туку Џабире, ќе дочекаме ли вакви шиканирања да им правиме на про-западните центри, каков што е ЦИВИЛ? Оти штетата на Македонија и македонскиот народ ја направија токму тие центри, а не анти-западните центри. Еве на пример, кога Македонија беше нападната од терористички вооружени групации, тогаш во државата апсолутно доминираа западните центри, впрочем како и денеска кога и’ се негира националниот идентитет, државноста на македонскиот народ, и во крајна инстанца и’ се нарушува унитарноста и суверенитетот, а внатре е нарушен и нејзиниот територијален интегритет, па сето ова е направено токму во околности кога доминираат западните центри, кои преку вакви организации како твојата ЦИВИЛ, вршат пропаганда со цел: „бришење на гомната со мочка“!

Морам да споменам дека ваквиот наратив беше проголтан и од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, бар по она што можев да го слушнам од нејзиниот лидер, што, да бидам искрен, многу ме разочара. Имено, лидерот на оваа партија, Христијан Мицковски, сакајќи да ја прикаже клеветничката практика на моменталната власт, изјавува дека, да бил Гоце Делчев жив, таа (власта) ќе го прогласела за анти-западен!? Како да анти-западната позиција е нешто срамно, нешто што се коси интересите на македонската држава и нејзиниот народ, па тоа треба да се сосече во корен! Ма јок бре луѓе, не дозволувајте да ве возат на ваквите нивни масовни лудила, напротив, анти-западната позиција (анти-НАТО) во овој момент е должност на секој патриот и единствена алтернатива која вреди да се гради!

ДВОЈНИИТЕ АРШИНИ НА ЗАПАДНИТЕ ПРОПАГАНДИСТИ Имам дилема за тоа дали е паметно да се коментираат ваквите личности како…

Posted by Реџеп Исмаил on Wednesday, 5 May 2021