Црвена Младина: Средношколците оставени без бесплатен превоз

До локалниот огранок на Црвена Младина во Битола стигнале бројни реакции од средношколци кои се жалат дека им наплаќаат превоз поради неажурност на институциите иако им следува целосно бесплатен јавен превоз. Од Црвена Младина реагираат и бараат итно решавање на овој проблем.

Нивната реакција ви ја пренесуваме во целост:

„До нас секојдневно стигаат поплаки од средношколците во врска со бесплатниот школски превоз. Иако на одредена група на средношколци им следува бесплатен превоз како што велат тие моментално во пракса тоа не е така и превозот им се наплаќа.

Училиштата ги известиле учениците дека своите барања за бесплатен превоз ќе треба да ги достават најкасно до крајот на јули, за на почетокот на школската година односно први септември истите веќе да ги подигнат своите картички.

За жал веќе две недели средношколците својот превоз го плаќаат!

Од одредени професори им било речено дека ќе бидат издадени потврди со кои ќе можат слободно да го користат јавниот превоз, други пак ги тапкаат по рамо и ги советуваат да им кажат на возачот дека се ученици па така ќе се „спасат“ од плаќање, но од тоа ништо.

Градскиот превоз во еден правец е 30 денари, што значи дека во два правци тие плаќаат по 60 денари. Неделно средношколците трошат 300 денари или месечно 1200 денари за превоз, што е 7% од минималната плата во државата.

Во некои села сумата достигнува и до 500 денари дневно, што за големиот дел од учениците е невозможно тоа да го платат.

Им соопштиле дека тие средства ќе им бидат рефундирани, но само ако се возат со одреден превозник, поради фактот дека секој превозник си има одреден период од денот во кој превозува патници, средношколците се приморани да отсуствуваат од одреден број на часови.

Во услови на економска криза, токму младите се една од социјално најранливите групи и затоа апелираме што побрзо решавање на овој проблем бидејќи со ова се загрозува правото на децата да бидат рамноправно вклучени во образовниот процес.”